Голем стратешки партнер на мал решил предвреме да оствари геостратешки интереси со недобрососеди на малиот, а во рамките на навремено подготвување за зорт-заман. Тој, пак, имал многу говеда и магариња собрани во партиско-политикантско-арамиски дувла, па воопшто не му било тешко да ги избере најподобните; послушни и понинзи за грст сребреници и со гаранции дека нема да бидат казнети за поданичко-слугински дејанија.
Избрал стратешкиот партнер две говеда низаедни, им ставил јареми на вратовите, како и неколку магариња за стап или морков, во чиј магарешки карактер важно место има надежта дека нема да умрат до зелена трева. И почнал да го спроведува детално смислениот план во кој главен акцент бил ставен на разнебитување на државотворниот народ, на неговиот национален идентитет, бришење на неговите корени, јазикот, културата, историјата и традицијата, маскирани во лицемерни добрососедски маски.
Очекувано, имајќи ја предвид големината и моќта на големиот стратешки партнер над малиот, како и немоќта односно неразвиеноста, геостратешките интереси ги остварил брзо, што се вели прекуноќ, па зорт-заманот можел да почне кога ќе почне.
Прашање од суштествено значење:
Што се случило со двете говеда и неколкуте магариња и дали со нив нешто сè уште се случува?
Од еден таен разговор, случајно прислушкуван од соодветна стратешко-партнерска прислушкувачка агенција, се навестува нивната судбина по успешно сторените дејание:
Говедата низаедни:
-Мораме да му веруваме на нашиот стратешки партнер, дека ќе го исполни ветеното-ќе ни плати со грст сребреници и не само што нема да им дозволат на идните власти да бидеме казнети, туку ќе бидеме заштитени од него додека сме живи.
Магарињата за стап и морков и со надеж дека нема да умрат до зелена трева:
-Мораме да му веруваме на нашиот стратешки партнер дека во нашава државичка со време нема да бидеме прогласени за изродени во предавници на својот магарешки род, а магарешките главатари во партиско-политикантско-арамиските дувла ќе престанат наизменично да се качуваат од магаре на коњ и да паѓаат од коњ на магаре. Што се однесува, пак, на стапот и морковот и надежта дека нема да умреме до зелена трева, ние како магариња не можеме да бидеме друго освен магариња, па како такви секогаш ќе ни помагаат да се определуваме за стап или морков и да не умираме гладни и жедни.
Говедата на магарињата:
-Лесно ви е вам, магариња наши. Магариња бевте, магариња сте и по сè магариња ќе бидете. Тешко нам ако од нас разнебитениот ем испокраден државотворен народ се свести, се разбуди, се крене на нозе, а стратешкиот ни партнер, како што докажал многупати, се направи наудрен и при зорт-заман нè остави во негова немилост. А светот од ден на ден станува сè помал и наскоро ни говеда ни изроди како нас ќе нема каде да се сокријат; дури ни со промена на личниот опис.
Магарињата на говедата:
-Да, вистина е дека вие како волови низаедни лесно може да се најдете во небрано. Ама сте со полни дисаѓи азно. А никој од нас магарињата не заработил ни скршена пара. Напротив, нам не ќе ни треба ни стап ни морков ни зелена трева ако стратешкиот партнер нè насамари и ни се качи на самарите да го носиме како магариња.
Договор меѓу говедата и магарињата:
-Бидна што бидна. Сега ни останува да продолжиме сплотени како досега. Да престанеме да се делиме на наши и ваши, па собрани во нашите партиско-политикантско-арамиски дувла да продоложиме со нашите дејанија. Бранејќи ги имунитетите како парламентарци и демократска опозиција.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 51