Јата

Потребно време за читање: < 1 минута

Јата птици бескрилни летаат
меѓу две неба, два бескраја,
меѓу две непостоења.

Јата птици леснокрилни
градат гнезда под стреи
на куќи разурнати,
на ѕидови и столбови
од некогашни
секакви живеалишта
на луѓе и животни
некогаш живи;
за нивни потомства
кои кога-тогаш секако
ќе долетаат од блиски
или далечни предели.

Јата птици преселни
долетале по долги летови
од предели далечни,
пред самоти смрт
на некогаш голем град
меѓу суши и длабоки води.

Јата птици ноќни
се будат во рани зори,
со први сончеви зраци
и со надеж дека соништата
сосе собитијата
во нивната будност
ќе им станат стварност
или скоро ќе ги заборават
зашто не се од нивен свет.

Јата птици грабливки
налетуваат на плодна почва
запустена, отруена од луѓе
кои не оставиле траги
на постоење
дамнешно, вчерашно,
та во неа вкопуваат
свое семе самодоволно,
самогласно, саможиво,
измамничко.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 32