Глад

Потребно време за читање: 2 минути

Нерадо зборува за гладот. Општо или конкретно, поимно или филозофски, од здравствен аспект, биолошки, психофизички…Се разбира дека би можел, во кое било и какво било време, но секогаш нерадо. И кога е принуден, кога е предизвикан, а особено кога се соочува со последици од масовен глад.

Нерадо зборува за гладот затоа што смета дека е срам за цивилизирано општство и за модерна држава во која се живее стандардно. Смета дека тој претставува целосна негација на хуманоста на човечката цивлизација, нејзина непореклива негација.

Се разбира, со него е најдиректно поврзана бедата, пред сè социјалната, но и неволја, мака, несреќа и сиромапштијата. Од една страна мал број богатници кои стекнале и стекнуваат енормни богатства без никакво дело, никаква вредносна оставина; живеат лагоден и раскопшен живот. Од друга страна, пак, сè поголем глад во светот, живот сè потежок, преживување од час во час, од минута до минута. Смрт од глад, сиромаштија која убива и ништи.

Гладот е најдиректно поврзан со длабока социјална, економска и политичка криза? Да. Чија крајна, застраувачка последица е е војна? Неминовно.

Глад за здравје? Знае за програмираното гладување односно диетата која цели кон психофизичка рамнотежа и хармонија. Тоа никогаш не бил негов особен интерес. Засега нема проблем со здравјето.  

Тој е православен христијанин. Не е голем верник, па кога е збор за гладот како составен дел на верата го прифаќа постот. Затоа што во суштина тој не може да се поистовети со гладот. Постот е Божја заповед. Со пост и молитва, но и со пост од страсти против ѓаволот и сопствените слабости.

Во „Жива мисла“ релативно малку промислено и запишано од него:

Ситиот на гладниот не му верува дека е гладен, а гладниот на ситиот не му верува ништо.

Нема ни ука ни поука во гладост.

Има големи творци кои своите најголеми дела ги создале во глад.

Празниот стомак го попречува мозокот да мисли.

Гладен кога слуша не слуша, а кога треба да послуша не разбира.

На гладен треба да му се помогне од срце најнапред да го угаси гладот.

Никогаш да не се заборави дека со гладот секогаш оди жедта.

Проклета е секоја работа во глад. Не е во безделничење.

Гладен и жеден никогаш да не ти е соперник.

Најтешко и најмачно е умирањето од глад.

Не го прави најголемиот грев во животот-да не нахраниш гладен.

Празниот стомак ги предводи сите човечки органи.

Светот не е човечен сè додека се умира од масовен глад.

Се обидуваш, но никако не ти успева да го излажеш својот стомак.

Гладот не може да се угасне со едно јадење пред и по многу денови и ноќи.

Неразбирливо е во свет на изобилство да не може да се искорени гладот.

Каква политика со гладен стомак?! Ма ни политикантство!

Каква работа од луѓе во беда, сиромаштија, болести и глад? Макотрпност, пот, крв и солзи до смрт. Безнадежност.

Глад за леб, љубов и достојание.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 20