Не е каква било сила
Што иде од длабоко
Во земја
Едновремено од високо
Сосе небо.
Не е сила што урива
Што ништи живот
Ниту која ненадејно
Брише сè пред себе.
А не е ни сила дека
Некогаш којзнае каде
Навалува да не може
По неа ништо
Да се обнови
Одново да се роди.
Нема никаков сомнеж
Во оваа некоја сила
Што ја забрзува крвта
На буден човек
Како да ќе излезе од него
Ќе се разлее на виделина
И ќе животвори.
Се обидувам некако
Не да ја скротам
Оваа некоја сила
Што иде од длабоко
Во земја
Едновремено од високо
Сосе небо
Туку да ја вразумам
Да разбере дека никоја
Сила како неа
Не може сама да опстане
Меѓу жештини и студови
Меѓу извори и пустини
Меѓу луѓе и нивни светови.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 28