Народ и власт

Потребно време за читање: 2 минути

„Јас сум стара, но уште ми гледаат очиве, ми слушаат ушите и ми работи умот“, не пропушта да нагласи старицата Милкана пред да почне да се искажува за што било, а поттикната од кого било меѓу оние што застануваат пред нејзината куќарка за да одморат од долго патешествие.

Додава:

„Имам телевизор, имам радио, а веројатно нема да ти е верно дека имам своја, домашна библиотека од веќе не знам ни јас колку илјади книги. Сето тоа ми го остави мојот Бошко по неговото ненадејно одење во неврат…Познат филозоф и сликар…Затоа многу болно за мене…Јас сум веќе стара за да почнам нешто лично. На крајот сум и само Господ ми го знае последниот час“.

Милкана се искажува за народот и власта, поттикната од намерник кој ѝ се претстави со име Стефан:

„Народот и власта мора да се проткајуваат. Дури и да се меѓусебно обусловени. Сакам да кажам дека ниту народот може да опстане без од него избрана власт, ниту власта може да владее со државата отуѓена од него. За жал, јас не знам за сплотени народ и власт.

Нема демократски избрана партократска власт од народот. Без оглед дали е избрана на непосредни или посредни избори. Таквата власт по дифолт не е народна.

Најголем проблем на сите власти во светот и кај нас, кои се наводно избрани од народот, е нивното брзо отуѓување од него. Без исклучок.

Мојот Бошко често и со и без повод нагласуваше, а јас останувам согласна со него, дека отуѓувањето на власта од народот нужно предизвикува страховладеење. Кое, пак, е неминовно проследено со безмилосно крадење на народот, особено на неговото наследство од минатото.

А јас велам дека партократската власт, која всушност не е избрана од народот, туку му е натурена од странска сила, што значи е платеничка, по дифолт е предавничка, па и велепредавничка“.

На заминување Стефан се загледа во брчките на нејзиното лице. Тие му докажуваа дека Милкана скоро пак ќе биде заедно со нејзиниот Бошко.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 32