Заграда

Потребно време за читање: < 1 минута

Кој ли е заграден во заградана толку далечна, што одвај се догледува како заграда? Можно ли е човек да ѝ се доближи до толку што да не може и него да го загради?

Од што е направена заградана одвај догледлива? Од камен, од камен и греди, од земја иловица? Да не е од коски на живи и умрени предци и потомци?!

Оддалеку многу наликува на интерпункциски знак со кој се назначува дека станува збор за нешто споредно или вметнато во главно. Значи, правена е затоа што имало нешто пред неа, можеби по неа, можеби зад неа, кое било толку неопходно, како цел живот на пример, што да не треба да се препознае ни одблизу. Што тоа? Којзнае што.

Имајќи ја предвид како интерпункциски знак, споредноста или вметнатоста како во главно, можно е таа некогаш, можеби до вчера била подолга, поголема, повисока, дури поширока одошто се чини од далечина.

Да не е тврдина освоена, па разурната, а она што се догледува одвај се нејзини остатоци, урнатини?

Сепак, се чини дека заградана, сеедно дали е самостојна целина или е дел од некогашна целина во минатото, привлекува како градба која треба да се открива, проучува и осознава. Да се откопува? Многу веројатно и тоа.

Паѓа в очи дека при високо сонце таа ту му се доближува ту му се оддалечува на оној што ќе тргне кон неа.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 88