Брза река

Потребно време за читање: < 1 минута

Тече брза река во човек
од пред извор до по утока
на ширно езеро
како негов живот за живот
како љубов за љубов
трајна неизмерна
помирен со нејзиното
корито каменито
кое ту се спушта стрмно
за  водопадно уривање
во пустелија
ту се искачува меѓу
неосвоиви врвови.

Тече брза река во човек
од пред извор до по утока
на ширно езеро
шумно пенливо певливо
од пред некое време
самотнички безизразно
откога снеможе мигум
под товарот на годините
што веќе не може
да премине
од едниот на другиот брег
рано пред изгрејсонце
доцна зад зајдисонце

Сè уште одвреме-навреме
ја прашува
а таа не му одговара
дали иде време
на секој во себе
на неминовна разделба.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 50