Ведрина-Смеа-Шега-Духовитост-Забава

Тивки клокоти

Ведрината треба да е со човек секидневно, исто колку меѓу луѓе. Зашто со неа животот е полесен и поигрив, па и побогат. Зашто таа него го поттикнува и напредува.

Кога е збор за смеата, треба да се има на ум дека таа е различна, а како реакција соодветна на состојбата, ситуацијата или, пак, како последица односно реакција. Таа може да биде отворена, неоптоварена со ништо, дури неконтролирана, природна, ненаместена и добронамерна, слатка. Но, може да биде сосем спротивна, па и спротивставена на неа-наместена, горчлива, цинична, омаловажувачка, малодушна, рамнодушна. Првата (сите наведени со неа, во неа) ѝ е придружна на ведрината, може нераскинлив дел од неа, а може и да ѝ е наспоредна.

Смеата е отворена, слатка и природна кога е предизвикана од шега. Никако не од подбишега. Шегата е игра, во игра ведрината најизразита. Шегувајте се и со себе и со други добронамерно, за заедничко смеење, без најмала злонамера.

Со духовити луѓе се шегуваш, се смееш и ведро живееш еден, два, неколку, многу заеднички мигови. Духовитите луѓе се меѓу најдрагоцените пријатели и познајници. Затоа што со нив е сè полесно и сè поедноставно.

Прочитај и за ... >>  Постоење

И ведрината и смеата и шегата и духовитоста како суштествена содржина на забава? Секако, во кое било време, во какво било невреме. За секој што знае да се забавува, што се забавува олеснувајќи го своето катадневие.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 101

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.