Раскажувачот

Потребно време за читање: 2 минути

Раскажувачот е единствен раскажувач во градот. Ги има многу од младите и старите генерации, но тој е единствен од средната со дарбата што ја има (секогаш нагласуваше дека му е дадена од Бога): раскажуваше приказни без почеток и крај, без смисла и содржина и за ништо. Баш никој како него.

Приказните без почеток и крај најчесто ги раскажуваше во прво лице еднина. Со тоа даваше на знаење дека се веродостојни, најчесто доживеани или преживеани лично од него. Токму затоа немаат почеток и крај. Имено, тој не ја знаеше ни годината на своето раѓање, камо ли денот и месецот, а рамнодушно велеше дека ќе живее додека живее.

Приказните без смисла и содржина обично ги почнуваше со опис на ситуацијата во која се случило или се случува нешто нелогично, неповрзано, нешто што само по себе постои или допрва ќе стане дел од стварниот свет.

Беше ненадминат во раскажување за ништо. Како за ништо?! Едноставно, како да фрлаше зборови и цели реченици во празнина која со ништо не може да се пополни.

Еве една приказна за ништо, од збор до збор, која од сите досегашни што ги имам слушнато од раскажувачот лично ми остави најсилен впечаток:

„Небо падна на земјата, па почнаа да се редат една по друга секакви болештини. Извори, потоци, реки, големи води пресушуваа, а диви животни излегуваа на виделина и мигум ослепуваа. Тоа траеше долго. Уште трае, па никој не знае дали некогаш ќе престане.

Во меѓувреме, во едно ниедно време гола планина се искачи на небото и почна да лета од север на југ како птица преселница. Изгледаше како да почнала да лета предоцна. Чиниш само што не запрела да мавта со крилјата, само што не се срушила наземи.

Во рани зори сонцето одамна не изгрева“.

Некои слушачи на раскажувачот тврдат дека тој никогаш не раскажува за ништо.  

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 26