Не ја сакам повторливоста кога да е и каква да е. Поготово затоа што е неминовна во траењето на животот. Мислам на нејзиното значење за паметењето и во минливоста. За паметењето непосредно поврзано со знаењето, во минливоста како докажување на навики и стереотипи. Сепак, не ја сакам повторливоста најмногу затоа што неретко ја надвладува единственоста, исклучителноста, автентичноста. Дури до разболување и предавање, до неизлечива болест и смрт како заборав.
Го издвојувам единствениот, исклучителниот, автентичниот детал во повторливоста. Макар да е само еден, некој одвај или тешко забележлив детал. Му се радувам како мало дете на само негова играчка. Дека е дел од неговиот свет, од неговото битисување во него. Му се радувам како дете поготово кога ќе го забележам само јас и никој друг, кога ќе го откријам како суштествен во повторливоста.
Најмногу се противам на повторливоста во минливоста како докажување на навики и стереотипи. Напросто ми го уриваат спокојството, ме жестат. Затоа што напросто морам да ги прифатам како дел од мојот опстанок во стварниот свет и во секојдневјето на луѓето без кои не можам јас или, пак, тие не можат без мене. Се разбира, како неменливи пред сè друго. Незамисливо, а неминовно: деноноќно исти, секогаш во исто време причински и последично!
Навики и стереотипи во љубовта? Со нив љубов?!
Знам во една љубов што е или не е, во која има само нивни погледи на разминување. Мигновени, искричави, но продорни, со многу зборови и многу премолк. На меѓусебно незнајни маж и жена во поодминати години. Можно е да се незнајни? Мислам дека се, а со оглед на повторливоста на погледите. Баш како неминовност во траењето на нејзиното постоење. Еднакво важна е и повторливоста на разминувањето. Бидејќи е љубов или не е, неважно е дали е тоа случајно или намерно. Нека биде дека е поради ист пат што ги води кон спротивни цели. Може само ним догледни, а спротивставени.
На нивното последно разминување ги забележав не само нивните погледи на разминување, туку и нивни благи, топли, нежни, би рекол по малку возбудливи насмеви. Ако некогаш се најдам за кратко меѓу нив, ќе ги прашам што им значат тие. И секако ќе ги допрашам дали меѓу нив се раѓа љубов или, пак, станува збор за меѓусебно препознавање.
Можеби ќе ги прашам и да не е тоа поради намерност која веќе станала навика-обајцата да одат по ист пат што ги води кон спротивни, само ним догледни, а спротивставени цели.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 66