БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 21

Потребно време за читање: 2 минути

21. Диви и питоми животни

Се собраа дивите и питомите животни на светот за да донесат важна одлука за иднината на животинскиот и човечкиот свет, независно од четирите страни, временските разлики, климатските промени. Важна затоа што животот воопшто е пред или или: или ќе продолжи видоизменет, поточно комплетно променет особено на планот на соживотот меѓу животните и луѓето, или ќе се самоуништи уништувајќи се меѓусебно.

Се собраа за да донесат одлука, а потоа да стапат во разговори и преговори со луѓето.

По долга и мошне содржајна расправа, во која главен збор зедоа мудрите и искусните, животните ја донесоа следнава одлука во три точки:

1. Да се преиспита поделбата на животните на диви и питоми, а со оглед на очевидното различно толкување на дивоста и питомоста од страна на луѓето. Имено, тие сè помалку ја почитуваат дивоста, дури гледаат непријателски на неа и се обидуваат на секакви начини да ја збришат. Што значи дека тие на животинскиот свет му ја наметнуваат безалтернативноста: во него да има ссамо питоми животни, односно во меѓувреме, со секакви начини и средства да ги спитомат дивите до последно; со заробување во резервати, во кои се божем слободни, заробување во кафези и други затворени простори во рамки на зоолошки градини или, пак, да ги дресираат како циркуски, со користење на сурови и нехумани дресерски методи како што се зависност од гладост, ситост односно ропска послушност.

Преиспитувањето на постојната поделба меѓу животните го наметнува и фактот дека луѓето веќе одамна не се ни обидуваат да спитомат уште животни освен веќе спитомените. Од друга страна, животните еднострано, за свои потреби и интереси веќе одамна луѓето ги делат на свои пријатели и непријатели. Особено кога станува збор за соседски.  

2. Бидејќи е научно докажано дека животните се посвесни, попаметни и посовесни од луѓето, тие предлагаат соживот што се темели на искреност, доверба, чесност, меѓусебно спомагање и споделување, а најсетне на взаемен интерес. Доколку тоа не се прифати, тогаш да се седне на зелена маса, како што е вообичаено по војни и конфликти, да се исцрта нова граница меѓу животинскиот и човечкиот свет, како и да се создадат нови држави и општества со јасни граници. Не врз основа на дивост и спитоменост, ниту на пријателство и непријателство, туку строго придржувајќи се на вековната поделба на животни и луѓе. На тој начин ќе се надмине нивната меѓузависност и обидите за експлоатација, послушност и секакви манипулации на мали и слаби од страна на големи и силни.

3. Животинскиот свет го предупредува човечкиот, самонаречен цивилизациски, дека чукна последниот час за спас на планетата Земја, на животот или неживотот во неа. Затоа се дава рок за изјаснување од еден месец. Доколку не се прифати нов договор и се продолжи како досега, вината ќе падне исклучиво на грбот на човечкиот свет, самонаречен цивилизациски.

Јас, како записничар на собирот на дивите и питомите животни на светот, имам должност да обзнанам дека месецот помина, еве минува и една година, а луѓето никако да се соберат и да одлучат што и како. Сè уште нема ни навестување на разговори и преговори меѓу нив и животните. Што значи дека самоуништувањето продолжува со несмалено, дури сè подраматично темпо.