40. Танчар
Не го знаев како танчар
во пустошијава
туку како немошна сенка
од изгрејсонце до полноќ
која им се предала на сили
надземни и подземни
еве го сега пред мене танчар
и на небо и на земја
со поглед втренчен
во невидлив хоризонт
танчар танцува низ звуци
без ритам без глас без знак
како никогаш да не почнал
и никогаш да не престанал
да танцува
и на небо и на земја
како да повикува божества
да му дадат нов живот
што ќе го живее мигум
меѓу камени издиви
меѓу огнови пепелишта
надојдени води сушини
додека ветришта
му го расфрлаат телото
на сите страни на светот
и негови
та се прашувам дали тоа
ненадејно станал танчар
дека предолго е сам
како бескрвен како безимен
и гладен и бос и ковчест
(раце нозе лице гради чело)
во беспаќе.