ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 42

Потребно време за читање: < 1 минута

42.Она во негово паметење

Влегла дамна во негово паметење
една небрежна игра на збор и молк
меѓу бескрајни соништа
од зрело доба
та игра ли игра како да не игра
ослободена од секакви свесности
на жив свет пред неизвесности
дали веќе заминал во конечност
или сè уште замислува
дека неговото паметење има уште
празнини за преживување
некои за одживување надвор
од себеси
влегла дамна уште откога он
на секој збор во свој молк
и на секој молк во свој збор
додавал некој знак на постоење
претсмртно спокојно
откога неговото паметење
одвај забележливо бледнеело
снеможено
заедно и истовремено со раѓање
ново како одново
повторливо навраќајќи се
на сушност жедност гладост
на семе фрлено во камен
со последни сили на своја крв
една непореклива убавина
дамна влезена
игра небрежно
игра на збор и молк
меѓу бескрајни соништа
од зрело доба.