ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 61

Потребно време за читање: 2 минути

61. Сенки на залез

Се збираат сенки на луѓе во нивно последно време, знаејќи дека по него нема друго со сонце или месечина на залез. Сенки, а не луѓе, што значи дека едните или другите ги напуштиле, се издвоиле од едните или другите. Значи, се збираат сенки на луѓе без луѓе. Можно е тоа?! Зошто да не е можно? На пример, недоречено е дека сенките се живи, а луѓето веќе мртви. Особено ако се има предвид дека не може да има мртви сенки.

Од суштествено значење е да се има одговор на прашањето зошто се збираат, каде се збираат, со која цел и дали се само сенки на луѓе во нивно последно време. Патем треба да се има одговор и зошто на залез, а не и при изгрев на сонце или месечина.

Прво мој одговор на последното:

Се збираат сенки на залез, а не и при изгрев, затоа што станува збор за различни сенки според смислата и содржината, причината за и последицата од нивно пројавување. Имено, сенките на залез се пред завршување на деноноќие на живот и не се подолги од луѓето на кои им припаѓале или уште им припаѓаат, а сенките при изгрев ту се зголемуваат, ту растат, ту се издолжуваат, ту се смалуваат, ту се снижуваат, ту се скратуваат и ту се замешуваат во сенки на сè живо и мртво, притоа следејќи ги движењата на сонцето и месечината на небото. Збирањето на сенките при изгрев, пак, е за заедништво и едногласие, а збирањето на сенките на залез поради губење на силата, премалување и спокојна подготовка за ново деноноќие.  

Сега мој одговор зошто се збираат, со која цел и дали се само сенки на луѓе во нивно последно време. Делумно веќе одговорив, но еве целосно:

Се збираат затоа што се уморни, та преуморни, сосем обезнажени по којзнае колку деноноќија со своите луѓе во нивно последно време или по неизвесно и беспокојно лунѕање низ беспаќа. Може да се рече и затоа што се пред умирање. Целта, пак, им е да се сплотат, та сплотени, одморени и спокојни да им се придружат на луѓе кои никако не можат без свои сенки. Затоа и сенки на луѓе во нивно последно време. Сосе нивното. 

Мојата сенка сè уште не е со сенките што се збираат. Сè уште е со мене.