ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 48

Потребно време за читање: < 1 минута

48. Време-природа-човек

Деновите и ноќите, месеците и годишните доба се сè почудни, сè понеизвесни и сè понепредвидливи. Тешко се разграничуваат годишните доба, а нивните почетоци и завршувања веќе не се совпаѓаат со календарските. Напротив, тие веќе како да се испомешани меѓусебно.

Човекот сè потешко се прилагодува на ненадејните времиња и невремиња. Кои, се разбира, во најголема мера значат спротивставување на природата на она што тој со децении ѝ го прави. Борба за опстанок. Загрозена е нејзината рамнотежа.

Човекот од небрежност и негрижа, од несовесност и себичност деноноќно ја загадува природата. Ја труе, ја гори, ја опустошува, ја уништува. Ја видоизменува. Наместо да ја одржува и збогатува нејзината  разновидност,  наместо да ја негува нејзината постојаност, нејзината земна и небесна убавина.

На секој чекор во достапните и најнедостапните, во освоените и неосвоените предели природата веќе не може да дише, а камо ли да ги одржува ритамот и животворноста. Во многу предели е речиси мртва. Во многу убиена.

Изненадувачки и неразбирливи климатски промени: ненадејни движења на ветровите; чести  и брзи промени на нивото на реките, езерата, морињата, океаните; постојано ширење на пустините; загрижувачко топење на ледниците.

Во најблиска пустелија од ден на ден се повеќе расфрлани или натрупани човечки, животински и птичји коски. На виделина, на студенина, во мрачнина. Меѓу нив сув ветар и тишина.

На природата не ѝ успева да го разбуди човечкото во човекот.