47. Опис на прво годишно доба
(Со првото од „Четири годишни доба“ на Антонио Вивалди)
Пролетта е доба на будење на природата, летото на нејзино зреење, есента за дарување плодност, а зимата за мир и спокој, но и за студ и белина. Четири годишни доба на животна рамнотежа меѓу неа и човекот.
Пролет: годишно доба на будење на природата и вкоренување на нов живот.
Пролет: разлистување, расцутување, распејување, разгласување на дрвјата, цвеќињата, птиците, животните.
На дрвјата им облекува нова облека-крошни за ширење сè поголеми и подолги сенки, за примање во себе колку може повеќе птици уморни од долги преселби. А и за да ги смируваат задоцнетите ветрови од измината зима на кои им е време да се упатат кон други есени и зими.
Ги расцутува цвеќињата за да го разубават и намирисаат животот, да ја разбудат љубовта во него и да родат нова. Во игра и радост, во сите бои на божилакот, заедно со сонцето од изгрев до залез. Го забрзуваат растењето на цвеќињата кои го следат со своите цветови, го поздравуваат и му возвраќаат насмевки и мириси.
Уште со првите воздиви на пролетта започнува распејувањето и пеењето на сè во природата. Заедно и напоредно со шумолењето на тревите, веселото `ртење на семињата, трепетот на пеперугите, зуењето на пчелите, разигрувањето на бубалките и појот на птиците на небо. И луѓето во неа почнуваат нов живот шумолејќи, извишувајќи се, треперејќи, играјќи и пеејќи.
Пролетното разгласување на животните е будење по зимски сон и почеток на нов живот. Разгласуваат дека за нив будењето на природата значи повик одново да ја докажуваат и бранат својата слобода во природата и безгрижно да откриваат нови предели за свои светови.
Пролет: со која и во која разлистува, расцутува, се распејува и се разгласува љубов.