1. Волк и овци
Еден волк се сторил овца и се замешал во овци. Сакал да разбере зошто овците престанале да му веруваат дека може да предводи овци.
Прашал една што мирно си пасела ретки тревки на пуста земја:
-Овчичке мила, зошто толку не ми веруваш, та и како овца ме препознаваш оти сум волк?
Овцата мирно му одговорила не ни погледнувајќи го:
-Како сиот народот, и ние овците знаеме дека волкот може да го менува влакното, ама ќудот не.
Волкот прашал уште една овца која пасела и одвреме-навреме го погледнувала рамнодушно:
-Овчичке мила, зошто не ми веруваш дека ни мртов гладен не би те изел од што те почитувам и те сакам како овца?
Овцата му одговорила толку гласно, што да ја чуе овчарскиот пес недалеку од стадото:
-Затоа што овчарот наш ме научил оти волкот и како преправен во овца се препознава дека е волк кога е гладен како волк.
Волкот решил да ја праша и единствената црна овца во стадото:
-Овчичке црна мила, зошто ни ти не ми веруваш дека јас како овца можам да ве чувам од волци ко овчарскион пес и да ве предводам ко вашион овчар?
Црната овца го изгледала од глава до петици, па му одговорила:
-Затоа што едвај спасив жива глава кога јас се сторив волк и се замешав во глутница волци која тргнала да завладее со стадово овци. Се спасив само благодарение на тоа што сум црна.
Овчарот набрзина си го повратил волчјото влакно и во последен животен момент успеал да му избега жив и здрав на овчарскиот пес.