ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 43

Потребно време за читање: < 1 минута

43. Умора

Прва умора-од секојдневен, минлив, безвреден и бесцелен живот. Во најголема мера нездрав, може и неизлечиво болен. Која снеможува, премалува, исцрпува, измачува снага. Која го разнишува спокојот и го унижува достоинството.

Умора од создавање, творештво, вредности? Не, тоа е посветеност. Која не уморува, туку ја сосредоточува и ја насочува творечката енергија. Без која, пак, човек не може да се докаже како човек.

Втора умора-од средината, околината, опкружувањето и обусловеноста на животворноста од нив. Зависност на сè и постојано лично и колективно прилагодување. Се разбира, сосем не снеможува снага, сосем не ја исцрпува и измачува, но обесхрабрува, обезнадежува. Без поголемо и позначајно лично влијание врз нив, без насочување, без напредување, без стамено чекорење од денес кон утре.

Умора пред првата, пред втората и пред сите по нив: од празнотија, осаменост, темна тишина и длабок молк. Како една, како единствена, собрана, насочена кон беспомошност, безидејност и безволие.

Една лична, неминовна, а неизмерна умора: од јаден век човечки.

Уморен човек во години преполни со непоправливи грешки, со долготрајни, може трајни последици, а од друга страна голема, та преголема саможртва. Залудна. Умора до одење во неврат, до исчезнување.

Изделкани зборови на надгробна плоча:

„Бев и не бев…Неважно е дали ќе бидам…Затоа…безимен, без година на раѓање и без година на смрт“.