XXXI
Самозалажувањето и лажењето
Дамјан од Истин:
-Ме прашуваш за самозалажувањето и лажењето? Зошто?! Од каде ти дојде тоа на ум?
Јас:
-Не ми дојде случајно. Го имам на ум подолго време, и тоа како еден од круцијалните проблеми на нашево живуркање. Јас мислам дека се тие поголеми од проблемот на нечесноста и неискреноста. Едни се самозалажуваат, други лажат, а трети и се самозалажуваат и лажат. Некои дури едновремено.
Тој:
-Тоа е за промислување. Но, што конкретно те предизвика?
Јас:
-Не се однесува конкретно на тебе…А зошто да не…Од сè досега за тебе и од тебе, од твојот животен и создавачки моментум заклучувам дека во голема мера ти ем се самозалажуваш ем дозволуваш да те лажат. КонкРетно, се самозалажуваш дека си настрана од сè, дека си им неважен, маргинален на оние што ја создаваат сегашноста и ја насочуваат иднината исклучиво за свои лични интереси. Напротив, внимателно следат што пишуваш, поточно што и како мислиш за она што им е најважно меѓу важното. Најпрвин затоа што точно го процениле твоето влијание во креирањето на јавното мислење. Од друга страна, знам дека лажењето ти е туѓо, дури одбивно, ама мислам дека пречесто дозволуваш да те лажат оние на кои лагата им е услов без кој не можат не само да опстанат, туку и да продолжат да дејствуваат. Не велам дека не си свесен за тоа, но веќе имам забележано дека те колебаат дури очигледните лаги. Особено на политичари. А колебањето ти е само затоа што во твоите поенти и некои раскази и романи постојано инсистираш на својата аполитичност, независност, самостојност и слободоумност. Ги именуваш како полувистини, иако самиот инсистираш дека тие не постојат, а така ги нарекуваат оние што веруваат дека многупати повторената лага станува вистина.
Дамјан од Истин:
-Не се согласувам сосема, но добро. Да ти кажам што мислам јас за самозалажувањето и лажењето.
Со децении наназад кај нас како најактуелни се наметнуваат два процеса или две дејанија: едниот е залажувањето и лажењето, а другиот самолажењето и самозалажувањето. Вториот е позначаен од првиот, особено самозалажувањето на Владата. Проблем е што тоа не се прифаќа како такво, туку на пример како лажен оптимизам; кој, се разбира, не може да се негува долго. Паѓа-пропаѓа како кула од карти кога ќе настапи мигот на соочување со реалноста.
Самозалажувањето им е потребно на оние што се свесни за суровата реалност или за сопствената неспособност, па, „престорена“ во оптимизам или надеж се чека да се оствари паѓајќи од небо. Тоа е всушност бегање од соочување со поразот, одложување на решавање, на надминување на состојбите. Бидејќи се нема пред сè творечки капацитет за тоа.
Самозалажувањето во најголема мера е поради внатрешните проблеми кои, вообичаено, се кријат од јавноста додека се може. Веќе станува неразбирливо како челни луѓе во некои јавни настапи не се контролираат, па предизвикуваат и потмсев. Притоа, не толку кај јавноста-граѓаните, колку кај противничката, „непријателската“ страна, но и кај „меѓународната заедница“.
И самозалажувањето и лажењето се опасни како пијанството, поразителни како кога веќе „јаде мракот“. Соочувањето со суровата реалност е првиот чекор во нивното совладување. А најбрзо се совладуваат со внатрешни сили.
Јас:
-Ќе ти го продолжам ова промислување со мој избор на твои колумни.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Зошто да не сум против членство на Македонија во ЕУ?
Нашите политичари и нивните политички партии многу погрешно го поставуваат интегрирањето на Македонија во ЕУ. Инсистираат дека не постои „друга алтернатива“. Притоа, не ни помислувајќи дека просто не постои „една алтернатива“ (едното не може да биде алтернативно), а „безалтернативноста“ (која всушност не постои) не значи друго, освен доброволно саможртвување и предавање „без борба“.
Пред накусо да образложам зошто сум против ЕУ, а за што сум за (доволно е да потсетам дека со самото членство, макар да се случи и преку ноќ, „Европска Македонија“ нема да ја биде уште најмалку деценија, а можеби и повеќе), како пример ќе приведам една земја која е одамна и ептен европеизирана, ама нејзиниот народ…не сака членство во ЕУ! Станува збор за Норвешка. Имено, бројот на Норвежаните кои го поддржуваат стапувањето во ЕУ постојано опаѓа, а според најнови испитувања на јавното мислење речиси 60% од нив се изјаснуваат против.
Што мислите, колку би биле на број или во проценти како мене кога Македонија според сè, а најмногу според стандардот и квалитетот на животот би била макар близу до Норвешка?
А мислите дека „ќе ни процветаат ружи“ кога би се случило во ЕУ да нè примат вакви какви што сме? Не само што нема, туку тоа воопшто нема да нè „развесели“. Напротив, ваква каква што ни е државава и вакви какви што сме ние, нејзините граѓани и државјани: партократија (владеење на партии со државата), ептен „транспарентни“ криминал, корупција, мафија, тотална политизација на животот, „отепани“ од беда и сиромаштија, економија на „смртна постела“, тотална зависност од интересите и целите на „стратешкиот партнер“ САД (нејзин протекторат?!), неправна и нефункционална држава итн. и сл., како „европски“ ќе бидеме за жалење. Повеќе за самосожалување. Најмногу за самозалажување и лажење.
За што сум кога станува збор за членството на Македонија во ЕУ? Само за едно: за наш, автентичен, македонски пат и (алтернатива) за секаква соработка со „останатиот свет“ во светот.
2. „За европска Македонија“ предизборен џокер? Глупаво и инфантилно!
Гласачите, граѓаните кои најмногу и најчесто во молк следат сè што се случува и зборува на предизборните митинзи, се збунети: која опција може да победи на избори, ако не за европска Македонија? Зарем има некоја „неевропска“ што ја турка земјава во изолација, и тоа со ново, навредливо име и со речиси уништен национален идентитет на македонскиот народ?!
Фер и демократски избори за европска Македонија? Тоа најпрвин! А што е тоа? Многу познато и јасно: слободен избор, слободно гласање, „чиста“ победа на „нашите“ и достоинствен пораз на „вашите“. Но, и друго познато и јасно: не „црна“, не „валкана“ предизборна кампања и не „фалшливо“ броење на гласовите. Ма последново најпрвин од најпрвин!
Мое потсетување како предупредување:
Недозволиво е да „се случува“ лидер на партија да биде понесен од еуфорична, а режирана победничка атмосфера на митинг предизборно, па постизборно да излезе пред своите со скиселено лице и да „заборави“ да му ја честита победата на противникот. Лидер на партија ја докажува својата зрелост со одмерени зборови, со аргументи, факти, со прецизни проценки, оценки на дејствијата и резултатите на противникот. Во спротивно, ефектот е секогаш контрапродуктивен.
Никако не смеат да се заборават сценаријата на оние „странски фактори“ што ја „спроведуваат и развиваат“ својата демократија сегде кај што можат, односно до кај што досегнуваат нивните геостратешки интереси.
Мене лично отсекогаш ме плашело и ме плаши „резервното“ како последно-она што се „активира“ кога е невозможно да се насочи народната волја, значи не може да се намести изборниот резултат-да се „обезбеди“ победата на своите платеници и послушници: победува „вистинскиот“, поточно неминовниот „натпреварувач“, но неговата победа е мошне „сложена“, а тоа не овозможува формирање Влада! Па „природно“ следат нови вонредни избори, па пак нови вонредни, па пак…па мора да се формира привремена Влада, наречена како било. До „наоѓање“ на нови свои платеници и послушници.
3. За лажгите со и без опашки
Предлагам заедно да развиеме куса „теорија на лагата“, со што мислам дека полесно и побрзо ќе дојдеме до поентата на овој текст. Ќе ја развиеме во согласност не со нејзината актуализација од страна на некои политичари (но поттикнати од неа), туку како „изведенка“ на она што, вообичаено, ни го нудат партиите и од позицијата и од опозицијата како „реално остварливи“ ветувања.
Најнапред за двата основни „типа“ на лагата: лага со и лага без опашка.
Која е и каква лагата со опашка? Пред сè таа е многу лесна за откривање, прочитување; дури и меѓу редови. Упростена до немајкаде. Но, не за да ја разбере секој, туку за да привлече што поголем број верувачи во неа. Нејзината опашка е многу важна, дури поважна од „телото“. Имено, во опашката се собрани сите претходни сродни лаги и лаги поврзани директно или индиректно со неа. Не само од минатото, туку и од сегашнината, богами и од поблиското идно време. А баш затоа што е лесно препознатлива, таа е многу опасна. Затоа што е таква, многу не ѝ се обрнува внимание, па лесно проаѓа кај оние што не оти љубат да „веслаат“, туку оти им станало нормално да бидат „веслани“.
Се разбира, од сите лаги со опашки најинтересна и најупотребувана е политичката ла(ж)га со опашка. Како таква-политичка, има многу поголема „специфична тежина“ од онаа секојдневната-неполитичката. Прво, зашто без неа не можат ниту оние што лажат, ниту оние што ги лажат пред и за време на избори. А второ, поради ноторниот факт дека последиците од верувањето или неверувањето во неа (сеедно) се или можат да бидат големи, тешки и долготрајни. И кога е таа во прашање, многу е важна нејзината опашка. Не поради она што е собрано во неа, туку поради оние што таа ги собрала во себе како (зло)употребени, врзани и преврзани, зависно-презависни.
Лагата без опашка е пред сè нова, што значи немала време да добие опашка. Како таква-тазе лага, секогаш е интересна, привлечна, предизвикувачка и ветувачка. Ако ја знаете разликата меѓу лагата и ветувањето, јасно ви е дека лагата без опашка е најблиску до неа. Дури е многу тешко да се прави дистинкција помеѓу нив. Токму затоа е мошне тешка за носење и пренесување, уште потешка за продавање и убедување. Најчесто ја нудат нови, неопитни „субјекти“, па е многу тешко да ги разубедиш дека не е вистина.
Најблиска споредба на лагата без опашка е со „ветер и магла“. Знаете како изгледа „ветер и магла“, нели? Најмногу изгледа како сиот досегашен повеќедецински развој на нашава држава, па уште нашиве полит-бизнис олигарси „мува не ги лази“ и кога е топло и кога е студено, во кое било годишно доба.
Лагата без опашка како политичка е поретка од онаа со опашка. Или може само така да ни се чини поради својата убавина и невиност. Да, политичката лага без опашка е мошне убава и, згора, невина, па најлесно „легнува“.
Лична напомена:
Знам дека граматички е правилно опаш, бидејќи тој „сам по себе“ односно „природно“ е од машки род. Ама сепак, во овој прилог прифатив да е од женски-опашка. Особено затоа што на жените некако потешко им оди да смислат и нудат ла(ж)ги со опаши.
4. Проблем на „вестаџиите“: вестите брзо се забораваат
Мислев дека сме специфични барем во европски рамки, ама тоа да било општа состојба на современиот човек: вестите брзо се забораваат! Проверив стручно и аналитички колку брзо ги забораваме и утврдив дека сме само малку над „стандардот“. Всушност, единствено кога станува збор за оние со политичка содржина, поконкретно со скандалозната, аферашката, полит-бизнис олигархиската. Следниот пат, кога ќе гледате вести на телевизија, запомнете дека поголемиот дел од нив брзо ќе го заборавите.
Следнава вест ми даде поттик и инспирација за темелно истражување:
Според една студија во Германија, која опфатила 1.059-мина мажи и жени на возраст помеѓу 16 и 65 години, повеќето од гледачите целосно забораваат што гледале на телевизија претходната вечер; 7-мина од 10-мина запрашани лица ги заборавиле најважните политички вести кои ги слушнале претходната вечер. Една топ сторија на вестите на германската телевизија во врска со компанија која сака да воведе 40-часовна работна недела била заборавена од 98% од испитаниците.
Вестите кои мајмногу се паметат се оние што имаат емоционална содржина или кои се придружени со силни слики. Вестите за насилни напади или природни катастрофи исто така остануваат во меморијата на луѓето.
А што покажа моето истражување? Нешто особено интересно:
Прво, вестите за аферите и скандалите најбрзо се забораваат, односно најбрзо стануваат бајати и неинтересни; второ, резултатите од проучувањето во Германија им се добро познати на нашите врвни политичари, па тие умеат мошне успешно и ефикасно да ги користат при заборавањето; и трето, нашата позната утешителна или загрижувачка (како за кого) изрека „Секое чудо за три дена“ најмногу се однесува на вестите за меѓупартискиот интимен живот, потоа за судските процеси на видни политички личности, како и за откритијата за „матните луѓе“ кои сега како „бистри“ ќе нè европеизираат.
Инаку, најзагрижувачки за мене беше одговорот на следниве две прашања:
Се сеќавате ли на последниот коруптивен скандал што се случи вчера?;
и:
Дали во Македонија кога било биле спроведени фер и демократски избори?
Најзагрижувачки е добиениот ист одговор на двете прашања дури од 102,8% испитаници:
Не!
5. Политичко-државничко достоинство
За многумина политичари, особено од актуелната позиција на власт, токму политичко-државничкото достоинство е деновиве на најголем испит. А со она што го зборуваат, го прават и како дејствуваат, докажуваат дека воопшто го немале и го немаат. Досега некако успеваа да го одржуваат држејќи го во заветрината на своите кариеристички амбиции, тајно да тргуваат со ресурсите на Македонија за да постигнат лични и партиски лукративни цели; дури да извршат предавства и велепредавство на сопствената држава, дури да го унижат сопствениот народ, дури да го збришат неговиот национален идентитет. Неретко, а во последно време сè почесто најмногу се истакнуваат полтронството, послушноста и беспоговорноста за само и само да ги зачуваат владејачките позиции. И тоа пред сè во контекст на отвореното македонско прашање на Балканот и пошироко. Имаат ли право?
Најнапред, за македонското прашање:
За разлика од нашите, во соседството (а и подалеку) никој или речиси никој политичар од позиционерско-опозиционите партии и политичари не го поставува како отворено на меѓународен план. Од него се бега како од жежок костен, а и на „најмалите“ познавачи на минатото, особено на „антиципаторите“ на блиската иднина ќе го актуелизира и конечно ќе го (раз)реши. Всушност, го решава долго, особено со конкретни дејанија во последниве години, и тоа на македонска сметка. Бегаат од него како никогаш да не постоело. Дури не знаат или не им текнува на Мисирков и неговите „За македонцките работи“. Како никогаш да не се поставува и нема да се постави. А да повторам, секому му е јасно дека конечното решение на балканскиот „гордиев јазол“ е всушност решението за Македонија како целост и Македонците како исконски народ.
„Сметката“ е веќе видлива: негирање-бришење на националниот и на сите други негови идентитети, негирање на корените, минатото (прекројување на историјата), губење или негирање на вредностите создавани со векови итн.
Го бранат ли нашите политичари и нашите државници политичко-државничкото достоинство? Колку инсистираат на него и го бранат?
Обидот за одговор е всушност прашање до сите наши политичари и државници:
Што е тоа политичко-државничко достоинство?