ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 36

Потребно време за читање: < 1 минута

36. Личности и политички партии

Дилема што не е:

Дали можат заедно личности и политички партии, можно ли е во партизирани општество и држава (само)наметнување на личности без партии и дали се вистински политички партии кои на нивно чело и во нивните редови доминираат личности?

Познати логични и во не мала мера противречни одговори:

1. Не можат заедно личности и политички партии, особено на позиција-на власт;

2. Невозможно е во (целосно) партизирано општество да се (само)наметнат личности без партии, особено на позиција-на власт во партизирана држава. Можат во непартизирани, напоредно, без обусловеност;

3. Не се вистински политички партии оние на чие чело и во нивните редови нема личности, особено кога се без јасно дефинирани-детерминирани идеолошки патрици-платформи.

Дилема што не е ако се имаат предвид само поимските одредници:

-личноста е човек со свои препознатливи капацитети, со личен идентитет, кој опстојува не само во свое време, туку и по него-опстојува низ времето, со свест и самосвест, со авторитет стекнат со дела-творештво, со докажана умност, знаење и искуство; често се изедначува со интелектуалецот поради заедничките карактеристики: образованост, мислечка и прпомислувачка активност, творештво и конструктивно дејствување;

-политичка партија (или странка) е здружение на луѓе со исти или блиски интереси и убедувања (агрегација), чија главна цел е да ја освои државната власт.

Треба да се имаат предвид и политичките системи-еднопартиски, двопартиски и повеќепартиски.

Од суштествено значење е департизацијата на државата и општеството (строго спроведување на мерит-системот на сите нивоа на владеење и раководење).

Во контекст на темава не треба да се пренебрегне фактот дека личноста е консеквентна во одбраната на својата индивидуалност, а својата слободоумност во голема мера ја потврдува и со партиско неприпаѓање.