32. Самостојно зачекорување
По првите чекори за секаков и сечиј растеж во животот, најважно е самостојниото зачекорување. Сеедно дали во непознато или познато. Во непознато со тежеста на неизвесното, а во познато стамено, надежно и што помалку сомнежно. Од него најмногу зависи одењето на прав или кривулест пат, на тесна врвица меѓу две провалии, на раб на бездна. Еднакво за човек и за луѓе заедно.
Се знае: првиот чекор и првите чекори на проодување се несигурни, страшливи, тешки што да не можат да бидат потешки; и не можат без потпирка, без придржување, без исправање. Се знае и дека уморот заедно со снеможувањето брзо надвладува. Исто како во длабока старост, со и без болештина, на крајот од виделината на животот. Сето тоа значи дека првиот чекор и првите чекори на проодување не се самостојни и не освојуваат за себе простор и време.
Се знае, но се нема секогаш наум: кон каква било и кон која било цел во животот ниту се тргнува, ниту на која било се стасува без самостојно зачекорување. Што подразбира и слобода, независност, домисленост и догледност, умност и опитност, знаење и предвидување.
Има неколку основни предуслови за самостојно зачекорување во животот сегашен и иден; без чие исполнување е невозможно дури ни стоење во место ни чекор назад за чекори напред:
-самосвест и идентитет;
-спокој и надеж;
-карактерност;
-сознание за свои корени во минатото, со најдалечни предци и потомци на свое домашно огниште;
-свест за единственост;
-придвижувачи со поттикнувачки мисли, како и видни личности со доблесни дела;
-доволност од она што се има и се може;
-незадоволство од постојна состојба, стремеж кон исполнетост, пристоен и достоинствен живот;
-мислечки и духовен интегритет.
Самостојното зачекорување е всушност почеток на создавање свој свет.