КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXII, роман

Потребно време за читање: 11 минути

XXII

Непрежалени Дамјанови најблиски

Ми вели:

-Не ми се допаѓа тоа што го правиш и го пишуваш за мене. Како да играш улога на мој личен биограф, прибележувач на важни и неважни ситници и приклученија на мојот самотнички живот. И тоа наспоредно со скицирање, па и детално и продлабочено читање на моите мислечки и книжевни дела. Не само што не ми се допаѓа, туку и сум сигурен дека нема да ти успее да го дотуркаш докрај, да стасаш на целта…Која цел?

Му одговарам спокојно:

-Ти реков веќе. Треба да се знаат суштинските причини и последици поврзани со пресвртните моменти во твојот живот. Како во сечиј што може како пример да му користи некому. Или, пак, да му го сопостави својот. Најмногу би сакал да успеам секој при секое читање на сè што пишуваш и создаваш да се најде меѓу твојот и сопствениот живот.

Ми вели:

-Но, зошто моите колумни? Ти дозволив да преобјавуваш од нив по твој избор, исто како секој што ги споделува на Интернет, на социјалните мрежи, иако сè уште од тебе не сум добил добро образложение.

Јас:

-Зарем тебе треба да ти објаснувам дека тие директно или индиректно се поврзани со твои расположби, стремежи, грижи, стравови и надежи? Како на секој колумнист?

Дамјан Истиноски ме одведе на Градските гробишта, пред семејната гробница, со намисла да ми раскаже за своите непрежалени најблиски:

 -Ти кажав зошто живеам сам. Нагласувајќи дека тоа ми е предодредена судбина. Сега ти докажувам дека гробов е најпрв затоа. Во него се коските на баба ми Веда и дедо ми Славе Смирноски. Им ги гледаш годините на раѓањето и смртта. Баба ми била дваесет и шест години помлада, а умрела петнаесет по него. Па на татко ми Истин. Го напушти овој свет пред осумнаесет години.

Во горбницава ги погребав брат ми пред четиринаесет. Му ја гледаш годината на раѓање? Да, беше седум години помлад од мене. Ми умре на раце од рак на панкреасот…Во семејнава гробница се и жена му Анет, Французинка, и неговиот син единец Андреј. Таа беше две години помлада од него, а умре, ѝ се исуши снагата и ѝ запре срцето три месеци по заминот на брат ми. Андреј е последен умрен. Лани, на само дваесет и две години. Загина во сообраќајна несреќа возејќи мотор. Најмногу го привлекуваше брзината на времето…И јас ќе бидам овде, со нив…

Често доаѓам…Сам…Палам свеќи за секој, ја чистам од лисја и прашина надгробнава плоча со нивниве фотографии и години на раѓање и умирање. Некогаш со некој од нив разговарам молкома за сенешто. Да, и за конкретни нешта од нашава стварност.

Го прашав:

-А мајка ти? Да не е жива?

Тој рамнодушно:

-Не, и таа е умрена…Не е за спомнување…Погребана е во туѓ гроб, на еден од нејзините мажи по разводот со татко ми. Знам каде е…Не одам таму.

По малку јас:

-Малку имаш напишано за смртта. Само понешто во песните и расказите. Како да ја одбегнуваш.

Тој по подолг молк:

-Зашто ја сметам за дел од животот, дури како негово продолжение. Не сум голем верник, но верувам дека умрен човек долго живее по смртта. Човек.   

Од колумните (поентите)       
на Дамјан од Истин              

1. Односи

Не мислам на односите спрема стварите, нивната употреба и злоупотреба од страна на човекот и човештвото, туку на односите помеѓу луѓето. Поточно, нашиот-личниот и колективниот однос спрема човечката средина и околина.

На ова ме поттикна една стамена домаќинка со која случајно се запознав на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во еден почетен, првофазен постизборен парламентарен период. Да немаме недоразбиање: така не го нарекувам јас, туку чув како така го нарече некој во група на млади безделници седнати на една „негова“ клупа во едно сончево работно претпладне. Ми се допадна, ми се виде погодено тоа именување. Го запомнив, па еве го искористив. Стамената домаќинка прво ме збуни, просто ме вчудовиде, но само некоја минута потоа убаво се разбравме.

Ми се пожали:

„Јас сум имала многу односи со луѓе, ама вакви помеѓу политичариве никогаш не сум доживеала…Како само можат толку отворено, дрско и безобазно?…Имале право Швајцарцине што му дале инвалидска пензија. Море, кога би ми паднал в раце, би видел тој каков однос би имала со него“.

Се разбира, како културен и пристоен, не ѝ поставив непристојно прашање, какво што можете да претпоставите. Особено затоа што знам на кого мислеше во однос на она со швајцарската инвалидска пензија.

Си го продолжив патот. Во меѓувреме брзо ми стана јасно што рече и што сакаше да докажежената домаќинка. Таа имала многу меѓучовечки односи, од роднинско-пријателски до работно-неработни. Веројатно најмалку мислеше, може и не ни помисли на сексуалните. А „инвалидот“ најверојатно ја налутил со неговата изјава дека ако неговата партија не влезе во Владата секако ќе има „проблеми“ со „албанскиот народ“.

Она што е можеби најбитно за односите од каков било вид е дека нивниот квалитет најмногу зависи од однесувањето. Со други зборови, во прво лице еднина: какво ќе ти е однесувањето спрема оној со кого имаш односно посакуваш однос, таков и ќе ти биде. А од сите односи, пак, најзависен од однесувањето е политичкиот. Од него произлегуваат најголемиот број други. Можеби во најширока смисла сите. Дури и сексуалниот.

Каква е состојбата кај нашиве ново-стари политичари на тој план?

Лично мислам дека и овојпат, како многупати досега, меѓу другото и поради недоволното познавање на „вториот јазик“ во Македонија, стамената домаќинка, но и многумина други на повисоки позиции погрешно го разбрала дотичниот. Токму поради незнаењето дека квалитетот на односите најмногу зависи од однесувањето.

Имено, мислам дека тој сакаше да каже дека ако неговата партија, на чие чело е, ако не биде во власта опозиционерски „жестоко“ ќе дејствува во новоизбраниот Парламент. И сигурен сум дека не мислеше на албанскиот народ (го има, засега нели, само во Албанија), туку на најголемиот „дел од народ“ во Македонија. Поточно на оној дел од него што гласаше за неговата партија. Таа негова изјава не е никаква закана, како што ја оценуваат и коментираат, туку станува збор за однос спрема една власт. Јас сум повеќе од сигурен дека дотичниот, како досегашен учесник во претходната власт добро научил:  двете други власти, законодавната и судската, според „природата“ на нештата ги решаваат „проблемите“, па и оние што тој ги „предвидува“, од ден на ден сè понезависно.

Стамената домаќинка очигледно, како и сите обични луѓе, политичките односи ги разбира онака-домаќински. Да, токму од политичките односи кај нас, за жал, зависи сè или речиси сè. Се осмелувам да тврдам дека дури и сексуалните зависат од нив. Само да потсетам на брачниот однос во кој партнерите припаѓаат на различни политички „опции“. Во еден од нив биле присутни и  политичките. Рамноправно.

Е, токму таа-рамноправноста ми е поентата на ова мое промислување за односите. Имено, убеден сум, сигурен сум дека најстабилни, најдолготрајни, најквалитетни, најпросперитетни и најплодни се односите што се воспоставени на рамноправна основа. Особено кога станува збор за политичките, па и позиционерско-опозиционерските. И личните и колективните.

2. Жестока опозиција-што е тоа?

Во изминативе неколку дена вложив максимални напори да се навратам на книгите од мојата домашна библиотека во кое стручно-експертски се елаборира политичкото опозиционерско дејствување во парламентарната демократија. Колку да се потсетам на едно од „таквите“: ја најопасно, ја најефикасно, ама без дилема најконструктивно-жестокото. И на мое големо, ма огромно изненадување, не пронајдов ниту збор! Којзнае, можеби изборот што го поседувам е погрешен. Но…

Навистина, можете ли да си одговорите, а со тоа и мене да ми помогнете да си одговорам на прашањево:

Што е тоа „жестока конструктивна опозиција“?

Не ни помислувајте, како што и јас не помислувам, одговорот да го барате од оној што ја промовира во нашево политичко милје; еден поранешен политичкант, поранешен министер и премиер, професор. Ако дотичниот мислел дека треба да ни објасни, секако ќе ни објаснеше. Но, бидејќи си остана само на промоцијата, очигледно смета дека нема потреба од објаснување. Зашто е од јасно-појасно.

Ај заедно, со малку малку и мака да се потрудиме да си објасниме.

Поимот или терминот, кој како го сфаќа и прифаќа, е мошне колоквијален. Дури може да се рече во последно време поприлично истрошен, излижан од употреба. Најнапред, затоа што ни стана жестоко тешко и мачно поднесувањето на бедата, сиромаштијата, понижувањето, манипулирањето-лажењето, а најжестоко политизирањето на нашава живеачка. За мене лично нема пожестоко од зависноста на личната гола егзистеција од полит-бизнис олигархијата, конкретно од познатото и сеприсутното: „Ако не си со нас, тогаш си против нас“. Исто така, не помалку жестоки се и „акциите“ на премолчување, а особено на замолчување. Се разбира, сè во рамките на демократијата, плурализмот, независноста, јавноста и индивидуализмот.

Но, кој тоа може да го прави? Како кој? Ја се правите наивни, ја моментално не ви текнува. Па оној, поточно оние во чии раце се инструментите. Не кои било, на пример хируршки, туку инструментите на власта, на владеењето. Кои, пак, најпрецизно можеме да ги дефинираме вака: ти свират и ти пеат, а тебе да те видам да не заиграш.

Претходново значи дека жестокоста како таква им е својствена, а може да се каже и им прилега на оние што можат да си ја дозволат или им се дало да ја практикуваат. Значи, со други зборови ја практикуваат од позиција, а не од опозиција. Ама дотичниот го најави токму спротивното: демек, досега тој и неговите партиски опозиционери досега биле кротки како јагниња, одмерени и деструктивни (?!), а отсега, откако ја изгубија власта, ќе бидат жестоки и конструктивни (!?). Нешто не ви „штима“? И мене.

Ај од почеток:

Колку и да звучи наивно, дури депласирано поставеното прашање, сметам дека е нужно да се промисли и евентуално „расчисти“. Затоа што, всушност, претставува најава на такво политичко дејствување. Лично сметам дека и ова, како и секое друго прашање заслужува одговор. Особено кога е, какво што е, небулозно, па и ступидно.

Еве зошто:

Жестокоста сама по себе не е и не може да биде конструктивна. Дури и на личен, емотивен, емоционален план. Едноставно, ако сте жестоки моментално, вие моментално не се контролирате, поточно правите неконтролирани потези (гестикулации, чекори, гласовни варијации и пермутации итн.). Тоа му доаѓа исто како неконтролирано, односно жестоко и „конструктивно“ да изјавиш дека ако не те „земат“ во власта има да „ечат“ калашњикови. Па сега, ако „промоторот“ и натаму инсистира на „жестоко конструктивно“ опозиционерско парламентарно дејствување, веројатно мисли и натаму на задничко со својот „главен“ досегашен коалиционен партнер. Чиста логика!

Да не останам недоречен или да не помислите дека имам нешто против цитираниот политикант:

Вредноста на демократијата, плурализмот, личната слобода и независноста, на почитувањето на личноста, на граѓанинот, на зависноста од јавноста итн., се учат и научуваат откако извесен период ќе се практицира, како практична-теренска настава конструктивното опозиционерско дејствување. Тоа, пак, никогаш, во никој случај и на никој начин не може да биде жестоко! Напротив, отсекогаш било и ќе биде мудро, разумно, искуствено, со постојано докажување на знаење, стручност; одмерено, спокојно, дури смирувачко (во името на здравјето, пред сè на тој што дејствува опозиционерски, а потоа и на оние пред кои или врз кои дејствува). Повторувам, никако не жестоко, што ќе рече нервозно, кавгаџиски, неконтролирано…

Во книгите од мојата библиотека опозицијата најчесто и најнапред се дефинира како коректив на власта.

Мене лично веќе ми е смачено од жестоки луѓе, жестоки политичари, жестоки „индивидуи“. Од нашава жестока стварност, И вам, нели?

3. Македонците (граѓаните на Македонија) молчат? Не, туку…

Во последно време сè почесто слушам и читам, и тоа од видни мислечки-творечки луѓе-интелектуалци, дека за разлика од сиот демократки свет граѓаните на Македонија молчат („упорно молчат“). Како ништо да не ги тангира, како да им е сè од арно поарно, како да живеат во идеално општествo, во идеална држава. Како ниеден народ на светот да нема подобра власт.

Мошне загрижувачка, со мошне цврсти и силни аргументи, е констатацијата дека страв им влегол в коски на македонските граѓани, па и на интелектуалците. Од кого? Од власта, се разбира. А таа се покажала, и со секој нов ден сè повеќе се докажува како авторитарна, тоталитарна. Некои од опозицијата ја споредуваат со сталинистичката, а некои одат уште подалеку, па посочуваат на „совпаѓања“ со фашистичката.

Ако се согласиме, без приговор или по-говор, дека е сè така, би морале најнапред да ја анализираме актуелнава власт. Се разбира, преку нејзините дејствија и практика, односно начинот на владеење, практицирањето на демократијата.

Дали навистина граѓаните на Македонија молчат и зошто?

Судејќи според самодекларирањето на владејачката коалиција, власта (се мисли пред сè на извршната власт, на Владата, иако многу често се приведуваат примери од „владеењето“ и на судската и на законодавната) во никој случај не може да се оквалификува како авторитарна или тоталитарна. Најмалку, пак, како комунистичко-болшевичка, сталинистичка или фашистичка. Напротив, сегашнава власт може единствено да се нарече граѓанско-либерално-социјалдемократска, макар што е тешко прецизно да се дефинира како таква. Како што е исто така тешко да се разложи на „составните елементи“. Во секој случај, нејзе, и како таква-„комбинирана“, според природата на „нештата“ не може да ѝ бидат ниту блиски авторитарноста и/или тоталитаризмот. Особено не страховладеењето, со наметнување на страв „од себеси“.

А да не се работи за некаква „модерна“ авторитарност или „авангарден тоталитаризам“? Да не е тоа некое ново, „модерно“ владеење со народот?

Промислете сами, но трудете се секој заклучок да ви биде во „корелација“ со „сенародното молчание“ или она на што јас ќе инсистирам во продолжение на прилогов-„сенародното замолчување“.

Лично не можам да се согласам со ставот на не мал број промислувачи, па и „обични“ луѓе, дека и покрај тоа што им е веќе „сè одземено“, македонските граѓани и селани молчат наместо да го кренат гласот, да грмнат, да протестираат. Јас тврдам дека ги замолчуваа(т), и тоа во континуитет, со години наназад.

Тоа е тоа! Да повторам, трдам дека не станува збор за молк, туку за замолчување. Граѓанинот на Македонија, без оглед на која заедница и припаѓа, не молчи. Најмалку молчат интелектуалците. Oсвен оние што молчат „доброволно“-опозиционерскиte. (Притоа, имајте предвид дека на вистинскиот интелектуалец не му прилега заземање на страна, „застранување“, едностраност.) Напротив, зборуваат, секогаш одговараат кога ќе бидат прашани, без никаков страв.

Проблемот е во методите на премолчување и замолчување. Притоа, премолчувањето особено успешно, „демократски“ се практицира кога станува збор за скандали, корупција, криминал во сопствените или „блиските“ редови.

Многу е поопасно „сенародното молчание“, отколку замолчувањето. Кога некого постојано замолчувате, нему во eden миг ќе му „пукне филмот“ и ќе почне да молчи. Попрецизно речено: народот не е опасен дури го трпи замолчувањето. Опасен е кога почнува да молчи.

4. За сеирџиите и мативодите

Ако нешто позитивно забележувам во последно време кај нас, тоа е што помеѓу нас има сè помалку и сеирџии и мативоди. Првите малку повеќе од вторите. Не затоа што се намалија по „природен“ пат, туку затоа што се подисплашија, па се затаија привремено.

Сеирџии сè помалку. Кога последен пат сте сретнале некоја група на луѓе која стои настрана и саде гледа и слуша онака рамнодушна, како ништо да не ја засега, како ништо да не се однесува на неа? Дури и пензионерите на клупите во парковите сè повеќе дискутираат, не молчат, „бистрат политика“. Oсобено кога ќе дојдат на ред нивните пензии. За младите да не зборуваме. Сè повеќе можат да се сретнат насекаде во групи, со нивното младешко „шуш-буш“ и со заматени, ко дрогирачки погледи (не оти се дрогирани, скраја да е; тоа само некои помеѓу нив). Дали да ги спомнувам политичките и бизнисменските кругови? Сите се раздвижени, активирани, ангажирани! На човек просто да му се одмилат рамнодушноста, апатијата, бесперспективноста.

Лично се подумав малку подлабоко и дојдов до следниот заклучок: овој позитивен тренд на намалување на сеирџиите и мативодите е резултат на извонредната бизнис клима што ја создаде и ни ја создава Владата. Лично досега не сум чул ни прочитал, а да бидам искрен сум и останувам со подзината уста, дека во некоја земја за толку кратко време се случило толку многу, та историски највисоко да им скокне оптимизмот на менаџерите. Нашата Влада тврди дека со анкета утврдила оти тој-оптимизмот на менаџерите во нашите најголеми претпријатија, особено во однос на очекувањата во наредниот период е токму таков-на „историски највисоко ниво“. Сте чуле ли или прочитале вие за вакво нешто во нашето опкружување, па и пошироко?

Мојот оптимизам сепак (сè уште) не е и не може да биде на „историски највисоко ниво“ кога ќе помислам на…мативодите. Без оглед што, според тврдењата на надлежните, и нивниот број „рапидно“ се намалува. Не поради страв оти ќе се снајдат и во оваа извонредна, „прекрасна“ бизнис клима во нашава земја, па уште повеќе ќе почнат да ја заматуваат водата, туку оти таа-водата не ми изгледа многу бистра.

Мене лично ми е сосем јасно зошто ѝ се мали средствата на Антикорупциската комисија. Затоа што со најсовремена методологија е утврдено дека корупцијата „рапидно“ се намалува, па таа има сè помалку работа. Но…

Како да ја убедиме, заедно со Владата, меѓународната заедница, особено ЕУ дека првото место на Западниот Блкан и пошироко (во ЈИЕ) кога е во прашање развиеноста и раширеноста на корупцијата, веќе не го заслужуваме? Мора нешто да не е в ред со нивната методологија според која ни го доделуваат тоа место, без намера да нè помрднат.

За разлика од сеирџиите и мативодите, јас сум сè повеќе не само оптимист, туку и радосен, развеселен: сепак се мрдаме. Дури и „меѓународниот фактор“ ни го признава тоа (како мрднати), иако постојано нагласува дека борбата продолжува.

5. Политичките лаги и измами

Може ли да се води успешна политика без лаги и измами? Го нагласувам водењето, а не практицирањето на политиката, притоа имајќи го предвид ставот на некои учени дека политиката е вештина на владеење воопшто, а особено со луѓе, групи-маси, народ.

Практицирањето на политиката претставува акција (неретко, особено кај нас и манипулација), а не „политизирање“. Притоа, лагите и измамите или не поминуваат или брзо се откриваат со предвидливи последици.

Водењето политика не значи и конкретно дејствување. Дури може да се рече дека тоа е еден вид на подготвителна фаза или вовед во практицирањето-освојувањето на власта и владењето. Значи, лагите и измамите се единствено „врзани“ за водењето политика. Може ли без нив?

Многумина ќе речат: може, ама не кај нас, имајќи ги предвид и поблиското и подалечното „гласачко“ минато. Оние што го тврдат тоа мислат токму на предизборниот период во однос на ветеното и она што потоа (откако ќе се победи, ќе се освои власта) се реализира. Ако им се спротивставиме со фактот дека и во најрзавиените демократски земји ветувањата, односно лагите и измамите во текот на предизборната кампања се „нормална работа“, тие одговараат со „Да, ама не во толкава мера како кај нас“.

Предизборните политички лаги и измами воопшто не се „опасни“. Напротив, токму во развиените демократии тие служат за „политичка игра“ со гласачкото тело, како и за вербална битка со политичките противници. Во таа битка победува (што не значи дека ја освојува власта) оној чии лаги и измами се „поуверливи“, „пореални“.

Кај нас политичките лаги и измами стануваат сè повеќе проблем за „победниците“. Не затоа што на нив сè помалку им се верува. Со развојот на демократијата и изборните процеси наивни и недоветни (ќе) има сè помалку на број. Стануваат проблем затоа што мора да бидат сè поуверливи и пореални, а тоа истовремено значи и пообврзувачки. Всушност, проблем се бидејќи сè помалку станува збор за лаги и измами, а сè повеќе за она што единствено треба да бидат: заложби, програми, решенија.