СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 85

Потребно време за читање: 5 минути

85. Последни срцевини

На веб сајтот „Движење за одбрана на македониумот-Македон“ Бисера и Пламен ги објавија своите последни срцевини. Инаку, на сајтот се објавуваат текстови на Македонки и Македонци ширум светот со кои со документи и артефакти се докажуваат дамнешни и скорашни неизбришливи траги на постоењето и опстојувањето на повеќемилениумската македонска цивилизација.

Срцевината на Бисера:

„Го прифатив предлогот на Јосиф Икароски да заживееме заедно во Торонто. Тој е искрено и длабоко вљубен во мене, но не ни спомнал, а камо ли да ми предложи брак. Македонец целосно оддаден на програмирањето; веќе водечки менаџер во неговата ИТ компанија, шеф. Признавам, прифатив оти ме привлекува како човек со модерни погледи на животот и разбирање  на светот.

Инаку, Торонто, главен економски центар на Канада и космополотиски град во вистинска смисла на зборот, преполн со имигранти кои најпрвин создаваат богатство од различни култури и творечки пулсирања, не ме привлече многу. Дури ни доказите на секој чекор дека е навистина еден од најдобрите градови за живеење на светот. Според мене, тој не може ни да се спореди со Монтреал. Можам да напишам за многу нешта во него, но сигурна сум дека ќе нема ништо како од мене доживеано и проживеано. Признавам дека брзо и лесно не се вклопив во неговата средина. Знам, проверив, не сум единствената со така поминато време, во голема мера неизвесно. Но добро, било што било, било како било и сега е како што е.

Напишаново како некаков вовед ми е само за да се знае каде сум, со кого сум и до каде ми е срцевинава. Да, тоа едновремено значи дека раскрстив со дел од моето минато; со сè што на овој или оној начин ме врзуваше за семејството Бригиски. Ни збор зошто бидејќи тоа не е важно.

Сакам да го искажам својот став за одбраната на Македонците и македониумот како последниот бедем на опстанокот на Македонија.

Во минатото многупати е докажано дека ниедна човечка цивилизација не згаснала со згаснувањето на нејзиниот последен живот. Поточно, ниедна не се свела на последен. Па така, иако досега многупати се доближила не до последниот, туку до последните свои животи, македонската цивилизација опстанала, опстанува и ќе опстои. Не велам во сите, туку уште во многу идни времиња и невремиња. Ја имам предвид можноста некогаш светот да не преживее природна катаклизма.

Меѓутоа, за македонската цивилизација мошне блиска, непосредна опасност е губењето на својата исконска земја, на територијата за која е врзана како со папочна врска и на својата држава. Просто се плашам дека тоа веќе се случува мошне забрзано. Се плашам дека дури без никаков отпор, дури без војна таа скоро ќе се сведе на сосем мал простор; неутрална или сива зона од сѐ на сѐ неколку километри. Може и празна, пустошна, пустелија, безживотна.

Веќе е несомнено дека оние што моментно ја водат државата имаат токму таква цел, поточно зададена задача: разнебитување на државата и народот во неа. Всушност, тие се на мал чекор до нејзино исполнување! Од кого зададена? Од стратешкиот партнер! Тоа веќе практично не се ни крие.

Личниот идентитет е веќе изгубен, личните документи на граѓаните се менуваат, а најразочарувачко е што тоа се прифаќа со рамнодушност; како нешто неизбежно, како судбина. Од колективните идентитети, пак, националниот е исто така веќе збришан, со речиси сите елементи на неговата комплексна структура и внатрешна содржина.

Луѓето во Македонија сè повеќе живуркаат самотно. Врвиците на нивните животи се сè повеќе наспоредни, без познавање и среќавање како на свои, така на други близу и далеку од нив. Чекорат молчешкум, одвреме-навреме загледувајќи се во далечините.

Многу би сакала некој да ми опонира, да ми докаже дека не сме близу до крајот. Дека борбата за одбрана на македониумот нема да престане, туку допрва ќе се разгорува, а сè што се случува во Македонија, со државата, општеството и македонскиот народ е всушност идентитеско затврдување, афирмација и натамошен севкупен развој…Дека народот скоро ќе ги земе работите во свои раце, ќе расчисти со непријателите, особено со внатрешните, предавниците, туѓинските платеници и мафијата на власт и ќе започне свој нов, автентичен пат во иднината“. 

Срцевината на Пламен:

„Јас воопшто не се сомневам во силата на народот. Особено на исконски, напатен и трпелив народ на своја исконска земја, како македонскиот. Најпрвин затоа што во него никогаш не тлее, туку секогаш силно гори огнот на родољубието. Та е залуден секој обид тој најчесто насилно да се угасне, на пример со наметнати неизвесности и стравувања од една, и рамнодушност и безидејност од друга страна. Некое време изледа како да е тоа постигнато. Народот се повлекува, се затвора во себе, во свој молк, почнува да живурка ден за ден, само сега, без вчера и утре.

Сосема е погрешен ставот дека станува збор за исчекување и надевање, со истовремена насушна потреба од предводништво. Тоа е непосредно поврзано со самосвеста и личната слобода. Без развиена самосвест (себство) и лична слобода, просто не е можен ни индивидуален ни колективен отпор против што било; дури и против голата егзистенција. Огнот на родољубието во еден моментум наеднаш бувнува, се излева од него, па е невозможно да се потсмири и да се контролира. Се случува целосен пресврт, нов почеток, раѓање на ново време.  

Суштински проблем за народот и малцинствата што живеат со него во негова држава, впрочем како за секој што е за многу нешта зависен од други, се изродите и предавниците. Особено кога ќе му се натурат како слугинска власт. Справувањето со нив е најтешко и најмачно, најпрвин затоа што поддршката од оној на кого му слугуваат, во најново време тој се нарекува стратешки партнер, е сестрана; во најголема мера криминогена, корумпирачка, па и мафијашка. Особено во нивното страховладеење. Притоа е клучен, дури единствен баш стратешкиот интерес. Поточно геостратешкиот. Имено, постојаниот, латентниот судир меѓу силни и силни на штета на слаби, порано за освојување на териториии, а сега за проширување на сферите на интереси, ги наметнаа влијанието, спомагањето, заткулисните игри, мимикријата, поделбите врз разни основи, партократијата наместо демократијата и консумеризмот наместо пристојната живеачка и задоволеност. Во најголема мера во политиката и економијата.

Зошто никој кај слабите и потчинетите не знае, но не се прашува што значи стратешко партнерство? Зошто никој не се ни обидува да ги раздвои стратешкото, во кое е најважно планирањето и исполнувањето на планираното, од партнерството во кое, пак, акцентот се става на заедничките цели и интереси? Ќе се обидам накусо да одговорам.

Стратешкото партнерство не е тоа доколку во него на преден план се силата од една страна и обессиленоста, потчинетоста и послушноста од друга. Тоа е само меѓу рамноправни, без оглед на силата и големината, и тоа само меѓу достојни и взаемно почитувани партнери. Кои се помагаат меѓусебно искрено, чесно, добронамерно.

Никогаш не сум бил, не сум, ниту помислувам да бидам јавно личен, притоа истакнувајќи ги своите посебности. Јас сум јас и толку. Порано си дозволував на себеси да напишам некој збор за личното докажување, кариерно или творечко, за постоењето и егзистенцијата на семејството, моето; акцентирајќи некои „општи места“, но секогаш најмногу внимавајќи да не ја изложувам сопствената личност на ветромет.

Мислам дека сум одамна докажан како мислечка личност. Како таква, никогаш не сум чувствувал ни најмала потреба или да имам некаков предизвик да наметнувам свои промислувања, ставови и заложби за што било.

Затоа и овојпат нема да откријам ништо за мојата моментна лична состојба; кај сум, со кого сум, што правам, што работам, кога ме има и дали сега ме нема. А што се однесува на Македонија…

Јас себеси во Македонија се гледам како секогаш, ќе речам деноноќно меѓу вредноста на животот во неа и неговите безначајности, меѓу неговата трајност и минливост, меѓу непрестајноста на создавањето и сè создадено што нераскинливо ги врзува минатото и иднината со сегашноста. Заедно со штотуку заодени деца, полетни млади и луѓе во зрело доба. Кои најчесто и најмногу се пред нов ден или зад нова ноќ.