76. Матен Вардар
Кога би решавале Бисера и Пламен, особено во вакви пресвртни и драматични собитија за народот и државата, кои го загрозија нивното битисување, тие најпрвин би ги исчистиле и избистриле реките. И тоа од нивниот извор до влив. Едновремено или откако ќе ги исчистат и избистрат, би ги заградиле со високи брани и огради, така што да не може никој пак да ги замати, да ги мати, да труе сè живо во нив. Да, тоа најпрвин.
Еднаш присуствуваа на расправа за иднината на светот и животот во Скопје, со нагласка на пристојната, спокојна и од ништо загрозувачка живеачка во него. Бисера и Пламен учествуваа активно, имаа свои излагања на заедничка тема „Матниот Вардар“ и мошне жолчно полемизираа со претставници на актуелната власт во врска со приоритетите; особено за тоа како да се направат функционални и ефикасни системите на управување и раководење со државата, како и како да се мобилизираат граѓаните во општеството.
Нивните излагања за матниот Вардар имаа ист заклучок:
Треба темелно да му се исчисти коритото, а треба да се размисли и за пренасочување на неговиот тек. Бидејќи тече среде Скопје, ни крив ни должен, како да е тоа нормално, го дели градот на два засебни дела кои се помалку ги зближуваат неколкуте нови мостови што се изградија во последниве години и децении. Се разбира, станува збор за голем и долгорочен проект, голема инвестиција. Но, веќе стана недозволиво нејзиното постојано одлагање.
Значи, сега или час поскоро да се исчисти коритото, тоа да се направи подлабоко, да стане пловна река, да се изградат пречистителни станици пред или по секое населено место низ кое минува, од Вруток до границата со Грција, а како заеднички проект меѓу Македонија и Грција тоа да се стори сè до вливот во Егејското Море, во паркот Делта на Вардар западно од Солун. Се разбира, наспоредно да се спречи матењето и загадувањето од нејзините притоки во Македонија. Особено поголемите реки Пена, Треска, Пчиња, Бабуна, Црна Река и Брегалница. Притоа, треба да се размислува и за нивно чистење и бистрење.
Присутните беа прилично изненадени со нивниот став дека Вардар заматува, мати и загадува исто колку што го заматуваат, матат и загадуваат луѓето кои живеат на неговите брегови. Затоа и се залагаат за изградба на пречистителни станици во сите населени места низ кои минува, како и за заградување со високи брани и огради.
Жестоко беа нападнати од претставниците на власта поради нивните отворени напади на нејзина адреса: со начинот на владеење таа најмногу заматува, мати и загадува, па час поскоро треба да се развласти и да се избере нова, одговорна, совесна, чесна.
Може да се рече дека токму учеството на таа расправа за иднината на светот и животот во Скопје, конкретно за матниот Вардар, придонесе Бисера и Пламен да се наметнат како големи, горливи борци против партократијата и политикантството.