75. Во меѓувреме Ѕвездана и Апостол
Пламен и Бисера Бригиски ги прашуваат Ѕвездана и Апостол да не им треба некаква помош во учењето; дека на Ѕвездана ѝ претстои продолжување како што почна-можеби првенец на генерација, а на Апостол скорашен крај на средното и почнување на високото образование-студирањето.
Ѕвездана:
-Веќе реков и мислам дека не треба да докажувам. Немам никаков проблем, а немам двојба ни за конкретно насочување. Ќе бидам и композитор и пијанист…Го привршувам пакетот „Камени реки“. Се надевам дека скоро ќе го изведам на музичко-ликовна „изложба“ со сликарот Јордан Самоников; моето дело и неговиот циклус масла „Од извор до понирање“ кои ми беа инспирација. (Сè уште не открива дека тој ѝ е љубов.) А нашето „братско-сестринско“ дело, мое и на Апостол, музичко-визуелната инсталација или перформанс наречен „Извесен друг живот“ доби и добива големи фалби и извонредни критики. Наскоро ќе има реприза.
Апостол:
-Јас сум решен за напоредно-и работа и студирање. Со тројца другари, соученици, со кои на училиште изработивме и работиме софтвери и апликации, веќе оформивме и регистриравме фирма-веб дизајн студио. А можам да се сметам себеси и за солиден девелопер. (Проследено со смеење.) Но, сè повеќе се „навлекувам“ и на студирање на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство…Што се однесува на планинарењето, Солунска Глава ни е на „дофат“, ќе го искачиме следниот викенд, а со другарите Милан, Јордан и Филип, како и другарка ни Стела решивме да ги „подигнеме“ нашите амбиции на повисоко ниво. Скоро ќе почнеме со подготовки за освојување на прв врв во странство. Се одлучивме за Јулиските Алпи, за Триглав-2864 метри.
Ѕвездана и Апостол ги прашуваат Пламен и Бисера за семејното презиме Бригиски. Од каде тоа, истражувале ли досега, ги откриле ли корените, го дознале ли „Првиот Бриг“.
Пламен:
-За жал, ништо. Ми фали време, а и антропономастиката не ми е многу привлечна. Се осудувам себеси за тоа, особено зашто презимето е несомнено голем предизвик. Можеби е праисконска врска со Бригите. Но, засега останува основното за нив, пораката што ни ја испрати пријателот Нестор Самоиловски: станува збор за една од најстарите и најбројни индоевропски популации на Балканот, населена околу планината Пангај, на исток од реката Вардар, Албанија, Епир, охридската област и Пелагонија; имаат сличности со античките Македонци, Пајонците, Мигдонците, Едонците и особено со малоазиските Фригијци; можна е етимолошка поврзаност со Бригијас или Бригиум, градот Лихнидос, односно Бригите во близина на Лихнидското Езеро и горното течение на реката Еригон (Црна Река); докажана е блискоста меѓу бригискиот јазик и јазикот на Македонците и Пајонците.
Апостол допрашува како тоа да не им е предизвик:
-Јас не би бил толку рамнодушен. Би се обидел да најдам некаква семејна трага, корен, жила…Би тргнал од Охрид.
Пламен:
-Па тргни. Ќе имаш секаква наша поддршка…Единствено што си докажав на себеси е дека во Охрид, мислам и во цела Македонија нема друг ни предок ни потомок со презиме Бригиски, освен јас, татко ми, мајка ми, дедо ми и баба ми. Пишано е и на надгробната плоча на семејниот гроб во Охрид.
Апостол:
-Јас ќе истражувам. Ќе најдам време…Ќе тргнам од тоа дека станува збор за додавка кој со време станала презиме. За симбол на искон…Негде прочитав дека името Македонија има бригиско потекло и значи земја. Се поврзува и со името Ематија што значи песоклива земја. Херодот ги смета Бригите за најстар народ на светот.
Бисера за своето моминско презиме Родеска:
-Родев и Родески се исто така ретки македонски презимиња, но ги има. Етимолошки секако потекнуваат од род. Можеби и од роден, родна, родно, и од раѓање. Моето иде од името на мојот прадедо Роден кој со жената му, мојата прабаба Филомена и синовите Гаврил и Дамјан дошле во Скопје од Солун. Гаврил со семејството заминал во Австралија. Не знам во кој град, а и не знам ништо за него и неговите потомци…Ја сум од семејството на дедо ми Дамјан. Единица. Тој и татко ми Никола ми кажуваа дека името ми го дале уште пред да се родам. Ако се родев машко ќе се викав Бисер. (Се смее.)
Ѕвездана и Апостол на кафе во култното скопско кафуле „Аксиј“, на кејот на Вардар.
Ѕвездана на Апостол:
-Знаеш, мислам дека нешто не е в ред со мама и тато. Односот им беше некако ладен. Мама не криеше дека не е задоволна од заедничката одлука да продолжиме семејно во Скопје, значи и таа да „раскине“ со Монтреал. А беше очигледно дека последната ноќ нерадо прифати да спие со него. Не ми се верува дека имаа секс…
Апостол:
-Да ти кажам право, и мене ми се чини дека колата е тргната удолу. И тато не изгледаше „вообичаено“ вљубен во неа. На аеродромот како да брзаше да се поздрави со неа. Кратко прегрнување, краток бакнеж…Како одвај да чекаше да полета авионот.
Ѕвездана:
-Можно ли е таа да има љубовник во Монтреал, а тој овде некоја…?
Апостол:
-Сè е можно…Како најголема и последна последица од самотното сопатништво…Треба да сме подготвени на сè…Се плашам дека ја губиме…
Ѕвездана:
-И јас.
Си ги допиваат ладните кафиња.