ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 14

Потребно време за читање: < 1 минута

14. Светови во светот

Секој свет на секој човек во светот е откриен, осознаен или загадочен. Тоа најмногу зависи од обусловеноста на стварноста и заумноста во него. Всушност, во тоа е суштествената разлика меѓу световите. Па следствено: колку е таа поголема, светот на човекот е во светот, значи доволно откриен и осознаен што да може да опстанува колку независно, самобитно, толку заедно со друг, со други. А колку е таа обусловеност помала, толку светот на човекот во светот е позагадочен, па и понеизвесен.

Се сосредоточувам на свет на средовечен човек кој во светот го препознав во сè и според се сосем еднакво откриен, осознаен и загадочен. И во неговата стварност и во неговата заумност. Некогаш се снове меѓу луѓе, некогаш меѓу свои дребнулии собирани уште од дете, што ги собира и денес, во неговава средовечност. Некогаш, пак, самоуверено се движи меѓу секакви стојности, притоа неретко гласно споредувајќи ги и критички согледувајќи ги нивните просторно-временски предопределености. Загадочноста, пак, ја прикажува и докажува занесно, својствено на дете во игра со знаци што конкретизираат само негова замисла.

Светот на средовечниот човек беше еднакво стварен и заумен. Исто како светот. Исто како мојот. Го оставив да го живее додека живее. Исто како што го живеам јас мојот. Само одвреме-навреме се разминуваме, се загледуваме и се поздравуваме со насмевки, како стари пријатели.

Одамна сме согласни дека нашите светови во светот се две стени во брза и пенлива река.