СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, поглавје 66

Потребно време за читање: 2 минути

66. Сомнежен црв

Неколку ноќи по првата во Пламен почна да гризе сомнежниот црв! Што се случило во меѓувреме и што се случува со неговата Бисера?! Нешто во Монтреал што толку многу го нарушил и го нарушува нивниот однос воопшто и нивниот секс посебно!?…Нему му е сосем разбирлива потребата од време за прилагодување, поточно за враќање на „стариот колосек“, на „нормалноста“…И нему му треба, но…Не е добро! Не ќе е на добро!

Освен првата ноќ по доаѓањето, кога Бисера во сексот, од нежните допири, милувањето, бакнувањето, предиграта, па сè до оргазмот како кулминација на огнетата возбуда, следните три ноќи беа само со час-два студен, може да се рече рутинерски секс. Како навик нејзиното препуштање, дури забрзување на неговото свршување во неа, па потоа оддалечување со молк, легнување на „својата страна“ на брачниот кревет, на својата перница и брзо заспивање…За конечно, во оваа нивна четврта брачна ноќ таа да го одбие! Му се извини дека воопшто не е расположена за секс. Се чувствува уморно, во некој грч е од кој не може да се ослободи. Ѝ треба мирен сон…Пламен успеа да се воздржи, да не ја праша ништо, особено не да бара од неа „издржано“ образложение зошто го одбива. Само промрморе „В ред…Добра ноќ“ и…Долго не можеше да заспие. Мислите постојано му запираа на заклучокот дека нешто „сексуално“ мора да се случило во Монтреал со неговата Бисера. Можеби со нејзините двајца пријатели…Белки утре заедно ќе го „убијат“ сомнежниот црв во него.

А Бисера? Можно ли е таа да не ни помислува, да не е ни свесна дека со одбивањето секс го повреди нејзиниот Пламен? Дека не е проблемот сексот, ништо не значи ако тој се „прескокне“ една ноќ, може и две-три, „обични“ се нерасположеноста и умореноста за него, туку досега и за неа непознатата рамнодушност, некаква внатрешна студенина?…Да не е од оддалеченоста и самотноста?!

Дали на Бисера почна да ѝ дотежнува тоа што е очигледно оти нејзин ќе биде „последниот збор“ во врска со одлуката дали како хармонично семејство да останат во Скопје или, пак, да се иселат засекогаш, одново да заживеат во Монтреал?