63. Во безогледна сивота
За Бисера воопшто не е изненадувачка безогледната сивота што ја пречека кога авионот се најде над Македонија, над Скопје, па почна да понира фаќајќи го курсот за слетување на аеродромот „Александар Македонски“. Не е, ниту може да биде изненадувачка зашто е неполна година во Канада, во Монтреал; точно единаесет месеци и четири дена. А друго, катаден следи и ближните ја информираат за сè што се случува во татковината. Така што во неа не ни затрепери, камо ли да се разбрани рамнодушноста. Всушност, неа ја согледа и на повеќето лица на патниците во авионот. Само неколку од нив не криеја возбуда и радост дека се враќаат во родното огниште на некое време, може и за цел остаток од животот.
Човекот седнат до неа, на нејзина возраст, без коса, со очила со дебели рамки, се претстави како Јосиф Икароски, програмер, живее и работи во Торонто, инаку родум од Битола, ѝ раскажа дека доаѓа дома на две недели, по цели три години. Засега не ни помислува, камо ли да размислува за конечно враќање. Иако има убава куќа, многу ближни во градот и низ Македонија, а веќе заработил доволно за да живее „на висока нога“. Не ни помислува затоа што добро ја знае, па не би можел да ја поднесе безогледната сивота што владее со луѓето и меѓу нив. Фирмата во Торонто е подготвена да го „држи“ како свој со работа „на далечина“, но тој во Битола не гледа никаква можност не само за личен кариерен напредок, туку ни за општествен статус кој би можел да го задоволи. Особено затоа што не може ни да замисли независен политички ангажман, а не пак членство во политичка партија.
На Бисера ѝ стана интересен и пријатен Јосиф Икароски. Во повремен разговор со него сигурно ќе ѝ биде порелаксиран, па и побрз долгиот авионски лет. На пример баш за безогледната сивота која и за неа е просто неподнослива.
Бисера:
-Јас мислам дека таа е најголем проблем на денешнината и утрешнината. За сите генерации, од најмладо до најстаро. Веројатно знаете дека народот во Македонија е меѓу најнесреќни на светот, за бесперспективноста, апатијата, за недемократското владеење на актуелната власт, за нефункционалноста на сите државни институции и органи на власта, партизацијата, клиентелизмот, корупцијата…
Јосиф:
-Тоа се вика стратегиски смислено ништење на народ и држава. Јасно му е на секој што малку ја познава поновата историја на светската цивилизација. Ако потрае уште малку, не повеќе од година-две, ништењето ќе заврши, а на Македонецот ќе му преостане само индивидуална одбрана на неговиот идентитет, на неговите корени во некогаш негова исконска земја.
Бисера:
-Мислите дека тоа може да се запре, да се пресече? Народот…
Јосиф:
-Народот е веќе поразен. Не е на раб на бездна, туку самиот скока во неа. Кој може, бега што подалеку. Дури во бестрага.
Бисера:
-Јас сепак се надевам…Надежта последна умира…И мене ми е тоа глупаво…Секоја надеж не…Има надежи со ограничено времетраење…Хахаха…Сериозно, мислам дека суштествен проблем е безогледната сивота. Мора да ѝ се објави војна…Час поскоро.
Јосиф ја загледува продорно, па ја прашува:
-Вие дома за некое време или за конечно?
-За некое…Компанијата ми даде три недели одмор…Живеам и работам во Монтреал, а семејството ми е во Скопје…Ме чека…На два ума сум. Ни ваму ни таму. Ќе решаваме заедно за конечно каде…И мажот ми и синот и ќерката се мислат. Мислам деак одлуката ќе падне на мене. А јас…Баш поради безогледната сивота…
Јосиф се уфрлува:
-А Вие сте повеќе за Монтреал, за семејно заживување таму…Откорнатици.
Бисера одлучно:
-Не, не!…Уште не знам…Ви реков, на два ума сум…Што мислите Вие?
Јосиф зачудено:
-Јас?!…Па, судејќи според сè што ми раскажавте за Вас и за семејството, за вашата животна ситуираност и општествениот статус…особено за решителноста и енергичноста во животот…немирењето со постојна состојба и противењето на собитија кои ве засегаат…Мислам дека ќе одлучите да се вратите. Да останете во Скопје, да го продолжите животот во татковината и да се борите, со заеднички сили…А може и грешам.
Авионот ја допре пистата.