62. Филм „Протест“
Во летна квечер спроти Парламентот се собрала толпа луѓе со црвени знамиња со шеснаесеткрако сонце на средината. Голораки, сите имаат долги изделкани стапови во рацете. А пред него полициски кордон во полна воена опрема. Ги дели празен и силно осветлен булевар.
И едните и другите ги надвладеал некој чуден, тежок, мачен, напнат молк. За кордонот е јасно зошто е распореден: го брани Парламентот. За толпата луѓе, пак, може да се претпостави зошто се собрала. Не ќе да е спонтано со оглед на знамињата и стаповите во нивните раце. Разликата меѓу неа и други досегашни, мошне чести во последно време, во последниве години и децении е што никој во толпата не носи каков било транспарент. Да, и молкот.
Колку време се собрани голораките и спроти нив распоредените полицајци? Голораките по пладнето, се собираа до пред квечерта, а полицајците се распоредија пред час-два.
Како по некој договор, од толпата луѓе се издвојува еден старец облечен во сивомаслинеста стара излижана униформа и во цокули. Долгокос, со брадјосано лице. И тој голорак, со долг изделкан стап во десната жрака и знаме во другата. Се движи со бавен, уморен чекор, како одвај да ја држи снагата исправена.
Застанува на средината на булеварот. Со рака го повикува командирот на кордонот. Тој прифаќа, решително тргнува кон него. Застануваат на чекор еден спроти друг.
Се поздравуваат гледајќи се право во очи. Студенина меѓу нив.
Старецот:
-Ние се собравме за да ги натераме оние во Парламентот да излезат, да го напуштат. Доста ни е од нив. Вие од нас нив ги штитите? Нели сте народна полиција?…Тие аздисаа во сè. Криминал, корупција, мафија, предавства.
Командирот:
-Ние се знаеме одамна. Знаеш дека многу те почитувам…Добро знаеш која е нашата задача. Одржување на граѓанскиот ред и јавната безбедност, примена на законот. Се разбира дека сме народна, во служба на народот…Зошто дојдовте пред Парламентов со стапови во рацете?
Старецот:
-Веќе ти реков, преку глава ни е од нив. Ако не излезат, ако не ја напуштат зградава, ќе го кркаат стапот. Нè дотераа до питачки стап…Ја знаеш народната: „Кај што збор не помага, таму стап помага“. Ќе им го дотераме умот. За секој сто стапа броени ко еден.
Командирот се насмевнува:
-Јас мислев дека е тоа онака, симболички. Дека стаповите ви се за покажување сила.
Старецот го прекинува:
-Да, сила на голорак…Зошто не ни се придружувате, да се сплотиме? Сега ви е вистинскиот момент да докажете дека сте со народот.
-Не ни помислувам да се судриме. Нема зошто…Парламентот е празен. Последниот го извлековме на безбедно пред малку.
Старецот:
-Добро, не ме изненадуваш. Очекував…Значи, докажаа дека се ненародни. Не ги гласал народот, туку се натурена власт…Готово е со нив. Ајде заедно да се собереме на булеваров. Да се измешаме и да го натераме џганот страховладеачки да поднесе оставка, па да го собереме и секој да одговара пред законот.
Командирот отсечно:
-Не! Ти реков веќе, нема причина да останете собрани. Разотидете се и ние ќе се повлечеме. Од утре барајте им оставки и одговорност според системот…
Старецот пак го прекинува подвикнувајќи:
-Кој систем? Па тоа е проблемот, човеку! Нема никаков систем!..Тие сè урнисаа! Нема држава!
Командирот:
-Нема договор меѓу нас?
Старецот луто:
-Нема!
Обајцата се свртуваат и се враќаат на своите места. Стариот пред толпата луѓе, командирот пред кордонот полиција.
Крај на краткиот филм на големиот екран на плоштадот Македонија. Се повторува меѓу патриотски песни на почетокот на секој час.