43. Стапо
Здраво-живо народецу мој,
Ко секој друг, и ја ко дедо Громче имам прашања, проблеми, дилеми и предмети за кои секоаш можам да зборам до утре сабајле, па и до задутре квечер. Зато шо имам многу за кажуање, и старо и ново, мислам на опитноста, знаењето и сталното богатење на согледуањето ко докажан стручњак ем експерт. Можи ви дојде чудно шо спомнав предмети, ама појќе нема да ви дојдува ако ги имате пред видо оние предмети шо ви се најдуаат при рака ко орудие кои во некои ситуации од кои ви је дојдено преку глаа да можи да ви користат ко оружје. На шо мислам конкретно? Конкретно мислам на то кога ти, народецу мој, си голорак, а мора да се крениш на нозе и да им ги дотераш умојте на оние на власт; али да се опаметат, али да им го најдиш крајо. Да, мислам на стапо.
Ко шо реков, и за стапо, исто ко за други орудија ко оружја на голорак народ можам да зборам дури уста не ме заболи. Меѓуто, за него ќе зборам првин општо за стапо ко стап. Е после за то колку и за шо тој можи најмногу да поможи, преди сè и нади сè за најважното кое кај мнозина прај дилема: кркањето на стапо визави негојте два краја.
Ко шо ви је добро познато, а ја сум дибидус сигурен оти ви је, има појќе видој стапој. Едни се за крепење на знага или се питачки, други за држење ко слеп за стап, трети за помагање кога зборо не помага, четврти за кога чоек ќе најди село без кучиња оти ако тргни без него кучињата ќе го испокасаат, па тешко нему. Ај по ред.
Стапојте за крепење снага и питачките можи да се речиси исти. Имено, стапо за крепење се вика и бастун, мора да биди од јако дрво, изделкан, бојосан за да трај со годиње, и мора да има свиткана рачка за ептен јака потпирачка. И питачкио можи да биди ист, а да се разликуа во рачката која не мора да биди баш јака. Да де, исто је ко шо се речиси исто старечкото живуркање и питачењето. Првото је такво шо да мора во најголема мера да се потпира на себеси со стап, а второто оти нема кој да поможи ни при гладуање ни при жедуање.
Мене ко на дедо Громче, ми је многу интересен стапо за држење ко слеп за стап. И то од појќе аспекати. Најпрвин општио-дека је зборо за то и то и ништо друго. Сакам да речам за магарешко придржуање односно тврдоглао држење на залагање, знаење, мислење, став али ко шо је наредено. Поготово кога је зборо за некој и нешто против некој и нешто. На пример за натурена власт платена за крадба и предавство на народо со кој владеј. Овој стап служи и за држење на пијан али опијанет. На пример на пијан од властољубие али опијанет од брзо, прекуноќно, прекудневно и лесно богатење сосе властодржачко бизнисменуање. Од другите аспекати можам да изнаредам многу, ама сега доста се овие: на слепио при очи му треба таков стап за некој да не проба да му поможи да прогледа оти је при очи; то му је исто ко оној шо не је слеп при очи, а носи розови очила за стварноста да ја гледа саде розово, ко шо им ја мачкаат оние на кои им слугуваат или се со ними ко партиски лигуши и измеќари; второ, држењето за стап ко слеп, исто му иде и ко пијан, можи да биди и од уплав, на пример на власта од народо, на крадачите од правдина и црни ем темни зандани, на итроманите и тапоглавите од солење ум; и третио аспекат-кога чоек се држи ко слеп али пијан за стап прибидејќи знај за последиците шо ќе го снајдат ако се реши да му пукни филмо од слугуање, та се крени на нозе, им се развика на оние на кои им слугуа „Доста беше!“ и реши да ги отера во бестрагија, но нема кој да ги поддржи; овој аспекат је важен за чоек во кој уште има нешто од чоечкото и во погоден момент му се стемнило пред очи.
Помагањето со стап кога зборо не помага је многу блиско со плачењето за стап. Ја можам да кажам оти то најмногу се однесуа на децата дури се учат и се одгледуаат, како и на возрасни, средовечни и стари на кои не можи да им се дотера умо ни со збор ни со шо било друго, освен со стап. При то не стануа збор за кој било и каков било збор, ами за добар, умен, силен, чоечен и преди сè и над и сè од опит. Таквио збор можи да му поможи на некој, ама је џабе коа не се разбира од збор. И не преостанува ишто друго освен стапо. Круцијалното прашање за него је каков је стапо шо помага кога не помага зборо. Прво, тој е појак од него, напраен од нешто од кое збор не се прај, а друго поради зато шо је во рацете на силен чоек кој можи да го користи ефикасно. На пример, ја памтам кога бев дете и кога ќе се заиграв до забораање али ич не ми беше до учење. Па мајка ми ќе ме удреше два-три пати со едно врбоо стапче, ама џабе оти не ме доболуаше. Ама кога ќе видеше татко ми оти зборо не помага, стапчето па ич, ко ќе ми удреше неколку стапој со стап од дрен богами беше леле мајко. А и за возрасните средовечните и старите можам да се примеросам себеси, особено коа ќе се најдам во ситуација да плачам за стап. Се прашуате али је можно то? Еве ви оти је: откога ме остај мојата сакана и никогаш непрежалена Громојца, откога ојде на оној свет, никој немам да се стаам во дилема дали сум прав али не кога се нервирам од нешто што за власта го кажуа телевизоро, па нему ќе му се развикам оти на власта ќе ѝ го расплачам мамичето мамино само ако ми дојдат пред очи; и не се смируам дури не се напијам апче за смируање, без оглед шо во меѓувреме со далечинското наоѓам канал на кој слушам само зборој шо помагаат.
Уште за стапо кога чоек ќе најди село без кучиња, па тешко нему без него. Многу просто и знајно: во село без кучиња секој божем прај шо сака и како сака, а изгледа така прибидејќи кучињата не се гледаат, а наредуаат и не лаат ами тегнат за уши, тртат и тераат на коленичење и слугуање. Да де, мислам симболично на село ко држава во која власта се однесуа како во село без кучиња. Па кога чоек шо знај, умеј и го бидува, а згора си има свои кучиња шо го чуваат и при то малу лаат ама многу касаат, ќе се најди во такво ништо не прај ако во рацете нема стап шо ќе игра откога ќе мора да заигра.
Е сега најважното прашање: кркањето на стапо визави негојте два краја. Имено, се знај оти секој стап има два краја, ама кркањето је секоаш со еднио. То ќе речи оти другио крај је во рацете на оној шо конечно решил да го кркаат стапо оние шо аздисале, шо на сите им дошле преку глаа, на кои од ними им е стемнето пред очи. Прашањето је дали то може да го стори саде еден али треба да земат стапој појќемина, да не речам а ќе речам сите шо знаат како со стап. Ја знам оти не можи саде еден зато шо при то стапо во даден момент ќе има два краја ко шо по природа и општество има, па тогај не ќе се знај ни кој тепа ни кој крка. Да, ама има и друго. Докажано је оти можи саде еден да земи стап в раце, па сите шо имаат при рака стапој да тргнат по него. И кркањето да биди ептен, дибидус, тотално, а стапо да нема шанса да се покажи со два краја.
Шо ќе кажи дедо Громче кажано је!