43. Издивите
Издивите му се сè побрзи
дење, особено ноќе,
а заедно, а едновремено,
а наспоредно сè појака
помиреност со себеси.
Некогаш му иде
да почне да ги брои,
па да ги мери,
особено меѓу
сè подлабоки воздиви.
Го замислуваат мигови
во кои нема
ни воздив ни издив;
затоа што тие во него
предизвикуваат сомнеж
дека неговите
многу светови во еден
се уриваат за никогаш
одново да не се родат
како сонувани, надежни.
Издивите му се сè побрзи
дење, особено ноќе,
а потоа обично
се случува лична жал
по пресушен корен
на праг на урнат дом
на ветромет.
Сетне наеднаш тишина
ја обградува
неговата слобода
во сета комплексност,
особено на мислата
во збор одвај чуен.
Тишина која нема сила
да издржи нов чекор
со екот кон минатост,
која не може да надмине
траење на дело надежно,
и која ќе сведочи
дека тој некогаш бил.