СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 58

Потребно време за читање: 6 минути

58. Монтреал, премолк, вмрежен мост

Бисера на Пламен, Ѕвездана и Апостол за Монтреал:

„Сакам да ви раскажам за Монтреал нешто што на сите не ни беше познато пред да допатувам во него, а познатото да го надополнам со нешто лично доживеано. Се трудам да не се задржувам премногу на неговите познати историски, културни, архитектонски знаменитости,. Особено не на она што може да се прочита на Интернет. Пред сè за него како светски центар на модерниот живот. Она што е неизбежно го забележувам попатно, познатото на маргините на моите доживувања.

Знам дека знаете, но за Монтреал да ви биде попознат и поблизок нека биде и сега од мене забележано:

Градот зафаќа речиси третина од истоимениот остров, недалеку од устието на реката Отава во реката Сент Лоренс. Опфаќа и други острови, како и двата брега на Сент Лоренс. Околу петстотини квадратни километри се „освоени“ од околу три ипол милиони луѓе. Монтреал е главен центар на француско-канадската култура и индустријата.

На овој простор живееле Индијанци од племето Хјурон, а првиот Европеец кој стапнал на овој остров бил францускиот истражувач Жак Картие. Првата населба на денешниов Монтреал е подигната во 1642. година од страна на дошлаци Французи, а ја нарекле Вил-Мари д Монтреал. Од 1844. до 1849. година Монтреал бил престолнина на Канада, како и еден од главните канадски пристаништа за прекуокеански и внатрешен пловен сообраќај.

Може како предупредување: лете температурите во градот достасуваат до 25 степени Целзиусови, а зиме дури до минус 25 степени Целзиусови. Најпопуларни се зимските спортови зашто просечното годишно количество снег изнесува 215 сантиметри.

За градот како туристичка атракција сум ви пишала понешто, посебно за Стариот град. Сум ви пишала и за него како културен центар. Сега само ќе ги спомнам бројните театарски и концертни хали, музеите, универзитетите МекГил, Конкордија, со настава на англиски, и Монтреал и Квебек универзитетот со настава на француски јазик“.

Што се случи со сексуалната авантура на Бисера со Жан Кадре и Сем Пери? Групниот секс таа го прекина по месец ипол. Да, беа страсни сексуалните игри, занесни уживањата, огнено трошењето на телото. Но, пред четири дена како да се пресече, како да премина во некоја нова свесност на која сигурно имаше влијание личната оптовареност-сокриеноста и тајноста. Оптовареност без оглед на  јасната дистинкција на личното и заедничкото интимно време, односно на љубовта и сексот меѓу неа и Пламен.

Просто заклучи дека тоа сепак не е за неа. Се противи и на нејзините години и на семејниот статус, а особено на нејзините сфаќања на сексот меѓу маж и жена, конкретно меѓу мажи и жена. Од друга страна, и Жан и Сем како сè повеќе да изразуваа рамнодушност, некаква студенина, рутина. Меѓусебно стануваа сè понервозни. Имено, сè почесто се случуваше едниот од нив да е отсутен до доцен час, а кога ќе стигнеше без никакво образложение зошто и каде бил или ќе легнеше крај нив и ведаш заспиваше или, пак, легнуваше на каучот во делот на нејзиниот апартман за дневен престој. Се случуваше и да не ги ни поздрави! Сексот ја оптоваруваше Бисера сè повеќе, па почна да одбегнува да му се подава и на еден од нив, кој било, најчесто со изговор дека е многу уморна, работата ѝ е сè потешка и сè посложена.

Од ден на ден  се усложнуваше нивната вообичаена секојдневна комуникација, особено нејзината со нив. Тие инсистираа таа да разговара со секој од нив на неговиот јазик-со Жан на француски, а со Сем на англиски! Настрана тоа што францускиот просто не ѝ лежеше, не го сакаше и го познаваше слабо. Да, тоа значеше и дека тие комуницираа на своите јазици, па понекогаш намерно се однесуваа како меѓусебно да не се разбираат. Кога Бисера на шега им рече дека со таквото однесување просто ја провоцираат таа да им зборува на македонски, без оглед што разбираа само по неколку „општи“ збора, тие само ги кренаа рамената како знак дека им е сеедно.

Можеа да го продолжат барем пријателството кое за тројцата беше несомнено, големо, длабоко, искрено, чисто? Пресече Бисера: не може! Да, тоа нема врска со половата привлечност и сексот, но за неа нема, ниту може да има „пријателски секс“. Да, постои „гол секс“, таа уште го нарекува „анимален“, кој се сведува на предигра и свршување како празнење на телото, на телата. Радо го изедначува со „телесно проституирање“ односно „обичен“ блуд за пари, но тој е просто невозможен во пријателски „рамки“. Затоа што пријателството не е само познанство, дружба, поддршка, спомагање, споделување, поткрепа во добро и во зло, туку многу повеќе емотивна поврзаност меѓу луѓето без причина или последица.

Бисера ја раскина врската со Жан и Сем, но тоа не му го соопшти на Пламен. Смета дека нема апсолутно никаква врска со него или, пак, какво-годе влијание врз нивнииот однос. Меѓутоа, баш сега ѝ дојде како повод токму „јазичниот раскол“ за да го наметне за промислување прашањето поврзано со сè поактуелното проблематизирање на официјалниот или јазикот во службена употреба  наспроти рамноправноста на јазиците во Македонија; наспоредно со развојот на мултиетничкото општество, билингвалноста односно мултилингвалноста како прва фаза на федерализација или кантонизација на државата.

Им напиша на Пламен, Ѕвездана и Апостол:

„Ви раскажував за „јазичната ситуација“ во Швајцарија по мојот едномесечен студиски престој во таа земја пред…има веќе шест ипол години. На „самото место“ се убедив дека рамноправноста на четирите јазици-германскиот, францускиот, италијанскиот и ретороманскиот односно романш јазикот, прилично се идеализира. Да, тоа е затврдено во Уставот на Швајцарската конфедерација. Се знае дека најмногу се говори германскиот, околу шеесет и четири проценти од популацијата, а потоа следат францускиот со дваесетина проценти, италијанскиот со шест ипол и романш околу половина процент-најмногу во кантонот Граубинден. Рамноправноста најнапред значи почитување и толеранција, а јас лично бев сведок на  спротивното-наметнување, нетрпение спрема „соседниот“. Имено, при едно патување со воз на мала „гранична“ железничка постојка патниците наеднаш престанаа да говорат и разбираат француски, а некои од нив, сигурно патници на новиот кантон, дури налутено инсистираа да се зборува германски. Со слични „ненадејности“ се соочив и низ улиците на Цирих, Женева, Берн, Базел, Лозана, Лугано…

Нешто слично среќавам и овде во Монтреал, најголемиот град на провинцијата Квебек, во неговите деветнаесет големи општини и многубројните квартови.  Знаете, градов е „главно двојазичен“, најмногу се говори француски и англиски, но овде-онде меѓу мали групи може да се слушнат други. Меѓу нив и македонскиот. И овде одвреме-навреме се соочувам дури со антагонизам меѓу францускиот и германскиот. Иако не толку наметнат и наметлив како во Швајцарија.

Е сега: ако еден јазик е за разбирање меѓу луѓето, а официјалниот односно службениот, некаде „државен јазик“ за разбирање на повеќе различни групи, етникуми, народ и малцинства и други заедници, значи еден „заеднички“, „обединувачки“, тогаш билингвалноста и мултилингвалноста се раздвојувачки „фактор“ на државата и општеството, односно нивно пропаѓање. Кое, се разбира, оди постапно, со години, децении, па и векови. Потсетете се на Кулата вавилонска.

Ова особено се однесува на последниот неоколонијалистички „изум“-нацијата, и тоа наспроти или како „противтежа“ на народ и малцинства. Зачудува што дури и умни и учени кај нас ги „изедначуваат“ нација и народ или етничка заедница. Јасно е дека нацијата како „творба“ повеќе се однесува на општество, а народ и малцинства на држава. Во нашево време е очигледно дека токму јазичниот „фактор“ е и допрва ќе биде клучен за неминовното преуредување на светот, во чии рамки судбината на народите е и допрва ќе биде мошне неизвесна.

Мислам дека доволно ви „нафрлив“ за ваше и наше, лично и заедничко промислување.

Што се однесува на Монтреал, сега сакам сосем накусо да ви раскажам за нешто што ме воодушеви. Можеби некој од вас веќе прочитал на Интернет или случајно сте ја „начекале“  репортажата на „National geographic“ за првиот вмрежен мост на светот, кој веќе стана еден од врвните симболи на Монтреал.

Станува збор за вистинска и голема атракција: светлосно шоу на мостот Жак Картие, поставен и „негуван“ од 2017. година, како одбележување на 375-тиот роденден на градот. И тоа како дел од проектот Living Connections Moment Factory; прв вмрежен мост на светот.

Мостот почнува да се „буди“ секоја вечер по залезот на сонцето, со осветлување на внатрешната основа на мостот. Боите имитираат нијанси на небо. Сè до целосното паѓање на мракот се „случува“ илуминациско „стопување“ на мостот и небото. Кога ќе падне тотален мрак, почнува четириминутен спектакл на бои кој завршува со избрана боја за тој ден. Значи, годишно се „случуваат“ 365 различни нијанси, а кои се прилагодени на годишните доба.

 На полноќ на мостот се прикажува циклус од сите 365 бои, за на крајот да се избере посебната боја за наредниот ден.

Во текот на ноќта, пак, од самрак до три часот наутро на мостот се менуваат два екрана. Секој час се менува поставката на боите на надворешниот дел од мостот кој рефлектира одреден ден во Монтреал. Се одвива единствено светлосно шоу во кое се сумирани алгоритми што се засновуваат на податоци за временската прогноза, сообраќајот, градските случувања на социјалните мрежи. Тоа едновремено значи и вклученост на корисниците на мрежите, пред сè на Twitter. Од час во час мостот добива посебен изглед. Во секој момент, кога некој користи одредена група на хаштагови #illuminationmtl, #375mtl, #MONTRÉAL, #MONTREAL, #MTL ili #mtlmoments, во една од двете кули на мостот се појавува одредена боја. Во зависност од тоа колку луѓе лајкуваат или ретвитуваат одредена објава на Twiiter, осветлувањето се менува, се спушта низ површината на мостот и станува побрзо и поголемо.

Мостот оди на „спиење“ во три часот наутро. Светлата исчезнуваат, интеракцијата на социјалните мрежи се намалува и на крајот останува слабо осветлување во двете кули на мостот. А точно пред зори тој пак се буди, ги имитира боите на небото и започнува свој нов ден.

Овој циклус ќе трае до 2027. година, значи цели десет години, а потоа ќе започне нов.

Ви испраќам една фотографија. Може да најдете неколку мошне впечатливи на Интернет.

Добра ноќ“.