ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

34. Две врвици

Запишано на маргини на книга раскази од непознат раскажувач:

„Ме изненади и ме вознемири одвај забележлива, значи штотуку заодена врвица до мојата, наспоредно, кон врвот на мојата планина. Досега не само што мојата врвица ми беше строго чувана тајна пред кого било и за кого било, туку го криев и врвот на мојата планина. Мислев дека е и ќе останат само моја и само мој.

Прво што се прашав беше: зошто на тој некој му требала нова врвица, наспоредна со мојата, ако го искачувал врвот во време кога јас не сум го искачувал? Можел да го искачи одејќи по мојата, притоа внимавајќи да не остави никаква трага на своите чекори. Значи ли тоа дека сакал да знам дека мојата врвица веќе не ми е строго чувана тајна? Ја открил, а тоа значи дека не е само моја?

После што се прашав беше: како тоа да не забележам макар еднаш дека некој или нечија сенка го искачува врвот на мојата планина во исто време со мене, заедно со мене, наспоредно со мене? Бил невидлив или била една од сенките чие присуство не само што не го гледаме, не можеме да го забележиме, туку и не го чувствуваме?

Ме изненади и ме вознемири уште повеќе тоа што овде-онде, одвреме-навреме мојата и наспоредната врвица се вкрстуваа до самоти врв. Зошто?! Нешто се случувало притоа? Која била смислата на тие вкрстувања?

Ми дава на знаење дека ни врвот ни планината веќе не се само мои?! Добро. Па што?

Јас не отстапувам! Врвот на мојата планина останува мој. Може и на уште некој, ако заедно двете врвици ги направиме една. И веќе да не се вкрстуваат овде-онде, одвреме-навреме“.

Leave the first comment