26. Случајно за паметење
Никола најчесто прикажува за една убавица во своја дамнешна година, во ден недела, пролетен:
„Ја догледав оддалеку во толпа на улица, во еден голем, далечен град. Одевме како еден кон друг. Не знам за неа, но доближувајќи ѝ се јас го забрзав чекорот внимавајќи да не ми се изгуби од вид, да не потоне во толпата. Според мене, убава жена е онаа што се забележува, кога зрачи оддалеку. Не одблизу. Не велам дека не се открива и одблизу, но тоа е нешто друго. Како зближување, можеби мигновено чувствување.
Беше на средни години, средно висока. Чекореше елегантно. Русокоса, на лице румена. Облечена во долг црвен фустан.
На чекор од неа застанав, како скаменет. И како на улицата да бевме сами. За мене постоеше само таа. Ме онеме нејзината убавина.
Гледав втренчено во неа, подготвен да ја земам за рака, да ја прегрнам, па да продолжиме заедно. Без цел или кон некоја нејзина.
Ми се насмеа срдечно, благо, топло.
Се разминавме.
Таа убавица има посебно место во моето паметење“.