13. Необврзан разговор
Меѓу малкутемина минувачи на улицата тоа претпладне, неговото внимание го предизвикаа двајца средовечни мажи; едниот накај четириесет и пет години, а другиот накај четириесет. Чекореа со бавни чекори, подзастануваа за едниот да го праша или да му докаже нешто на другиот, па продолжуваа очевидно безначајно каде. Едниот поначесто од другиот кимаше со главата во знак на одобрување на нешто кажано или докажано од другиот, а другиот, пак, позабележливо гестикулираше со свиткана десна рака во лактот и со кажипрстот кон небото; очевидно, нагласувајќи нешто или предупредувајќи.
Реши да им се доближи, да ги следи на чекор зад нив или да чекори крај нив колку што може понезабележливо, и да слуша, наслушнува, прислушува, да дослушува за што разговараат, расправаат или се убедуваат меѓусебно. Од што му беше толку интересен необврзниот разговор, не забележа кога стасаа на крајот на улицата. Тие гледаа во него втренчено и зачудено, па тој збунето пропелтечи „Извинете“, се сврте и се оддалечи враќајќи се кон нејзиниот веќе невидлив почеток: кон крстосницата на која често му се случуваше да стои долго, не знаејќи или двоумејќи се кон каде да се упати.
Неврзаниот разговор:
Првиот средовечен маж, накај четириесет и пет години:
-Не чини ситуацијава. Ич не чини, брат!
Другиот средовечен маж, накај четириесет:
-Да, ич не чини…А кога, пак, чинела?
Првиот:
-Не збори така. Сме имале и поарни времиња. Па и кога ни било толку арно, што да немало поарно.
Вториот:
-Сакав да речам дека секогаш на малкумина им чинела, а на многумина им чинела ептен, па кога се подвлекувала црта излегувало дека не чинела.
По неколку чекорења во молк, разговорот го продолува средовечниот маж, накај четириесет години:
-Мислам дека баш нашиве години ни се за ни таму, ни ваму.
Средовечниот маж, накај четириесет и пет:
-Мене не ми се сосем погодени, ама добро е…Има и бетер…Најмногу ми пречи брзаницава-трчаницава…Не можам да здивнам, а со семејството и роднините сум некако сè подалечен. Пробам едно-друго, не оди. Или ми трпи бизнисот или сме сè попомирливи со меѓусебното отуѓување. Тоа ме боли најмногу.
Мажот накај четириесет години:
-Да ти кажам право, мене ми се баш тамам…Ми се погодија. Малку во нив не ми е баш погодено.
Првиот:
-Нема што да се прави. Таков е бизнисот…Мора и такви и други големи жртви за да биде успешен. Уште ако сè зависи од него…
Вториот:
-Да, баш сè. Ми отиде здравјето, човеку. Ми попушти срцето…Веќе имам два бајпаса…Не верувам дека ќе дочекам старост.
Првиот:
-Јас здравјето уште успевам да го чувам. Внимавам на него, постојано го контролирам. Бизнисот го поставив на здрави нозе, го организирав сè да оди како подмачкано…Мене сè повеќе ме мачи политикава. Давам и на позицијата и на опозицијата, ги финансирам подеднакво големите и некои мали партии, ама нивните усти, бе брат, сè поголеми и сè поотворени…И едните и другите и третите сè поненаситни.
Вториот:
-Тоа од ден на ден е стварно сè понесносливо. Не знам до кога и до каде ќе тераме вака…Се плашам дека ќе биде предоцна кога ќе почне деполитизацијата и деполитикантсвтото на државава и општествово.
Првиот:
-Јас, пак, се плашам дека нема никогаш да почне…Јас сè повеќе и сè подлабоко размислувам за преселување на бизнисот во странство.
Вториот:
-И јас, ама тоа од ден на ден станува сè потешко. И странството веќе не е како што беше.
По неколку чекорења во молк, разговорот го продолжува средовечниот маж, накај четириесет години:
-Што правиш со љубовта?
Средовечниот маж, накај четириесет и пет:
-Што да правам?!…Нема што да се прави…Јас, брате, одамна сум ги разграничил љубовта и сексот. Секс од љубов и со љубов само со друшката…Секс како дојде, овде-онде, чат-пат, во „рамките“ на бизнисот, а љубов…Ма нема шанса! Друшката не ми беше прва, ама ми е последна.
Првиот:
-Важно си активен…Не паѓаш…Богами, јас не сакам многу многу да зборам. Ама…Како ми идат годините, сè помалу се на број оние спрема кои по секс сум почувствувал нешто што може да се нарече љубов. Никако да си го завршам ергенлакот…Ај, белки ќе биде скоро.
Се смеат обајцата.
По неколку чекорења во молк, обајцата застануваат и средовечниот маж, накај четириесет и пет години, го завршува разговорот со констатација:
-Мене едно ми е најголема мака, брат…Ни ги бришат корените. Ќе останеме без корен…А без корен и без плод.