Потребно време за читање: < 1 минута

43. Запрен миг

Зошто го запрев мигов
на нашево деноноќие
собрано во два-три збора
недоречени,
од нас уште без значење
и нескротени?

Се прашувам иако знам
дека не знаеме јас и ти,
ни кој било знае
кога почнал и каде треба
да заврши.

Го запрев мигов со здив
прв за последен
зашто е сè уште без глас
на јаве или во сон.

Има ли свој круг за нас
или, пак, се надева ние
со нашата доследност
и со нашите стамености
да го опфатиме,
да му вдахнеме стојност
со која ќе нè овековечи
во своето постоење?

Се прашувам зошто
го запрев мигов со здив
затоа што по него
не догледувам и сè уште
не чувствувам друг наш
со спокој
за следното деноноќие.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here