МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 3 минути

44.

И ова многу важно, ако не најважно:

Жив пријател (може јас, но сега подобро друг како јас) и Ристо од Петар мртов како жив штотуку ги опфаќа ноќ крај фонтаната „Фонтана на здравјето“ која одамна не работи, на плоштадот „Плоштад на луѓе и сенки“. На сè уште шетаат, се сноват понекој со своја сенка и понекој без неа.

Живиот пријател:

-Може да те прашам за забраната на Бог живите да не разговараат со мртвите?

Ристо од Петар мртов како жив, по малку нервозно:

-Колкупати треба да ти повторам дека не сакам такви дубиозни теми и прашања, поврзани со верата, религиите, земниот и наводниот гробен односно задгробен живот, реинкарнацијата, телото и душата односно духот и сè друго слично на нив?

Живиот пријател:

-Ама не е неважно за нас двајца како пријатели, за животворноста, за тебе како уметник, творец, за твоето сликарство, конечно за твоето приклучение и твоите непорочни љубови…

Ристо од Петар мртов како жив, прилично нервозно:

-Добро, ај прашај. Ќе ти одговорам што знам и што мислам.

Живиот пријател:

-Белки си прочитал во Библијата дека не смее да има човек кој би терал некој свој да претскажува, да е маѓесник, бајач, некој од оние што ги повикува духовите на предците, а особено не да разговара со мртви.“. И непоколебливото, просто наредувачки: „Зашто мртвите не знаат ништо, бидејќи и споменот им се заборавил“.

Ристо од Петар мртов како жив, со потсмирен глас:

-Се разбира дека сум прочитал. Ја читам, ја препрочитувам Библијата постојано, речиси секој ден. Со мене е и дење и ноќе..Сум ги читал и проучил, одвреме-навреме пак ги читам и проучувам Куранот, Талмудот…Што ти е прашањето?

Живиот пријател:

-Си разговарал досега за тоа со Бог? Си барал објаснение?

Ристо од Петар мртов како жив, со прикриена насмевка:

-Човеку, па не се среќаваме јас и Он често, кога било, кога јас ќе посакам. Можеш да замислиш колку и мртви, па и мртви како живи има во мртвиот свет? Многу повеќе од живите на Земја… Впрочем, нема што да го прашувам. Јасно е. Тебе не ти е? Тоа што го наведе е веќе објаснето од многумина теолози, а и на лаик му е јасно: мртвите не знаат ништо, по смртта не постои задгробен, свесен или несвесен живот, и не е можна комуникација меѓу мртвите и живите.

Живиот пријател:

-Да, но ти мртов како жив?! Еве, комуницираш, разговараш со мене, како и со други твои блиски кога ќе посакаш!

Ристо од Петар мртов како жив молчи некое време загледан рамнодушно во човек со сенка што се оддалечува гледајќи втренчено во нив. Како обајцата да му изгледаат мртви како живи. Живиот пријател чека да продолжи.

Ристо од Петар продолжува:

-Вистинското прашање е зошто е Бог толку строг, имено дека не смее да се човек кој разговара со мртви. Притоа, најпрвин мислејќи на заштита од контакт и комуникација со духови на пакоста. Тебе, жив пријателе, ти е прифатливо дека е поради тоа што зад мртвите стојат само тие духови, секогаш подготвени жртвите да ги уловат во своите мрежи?

Живиот пријател:

-Искрено не, но…

Ристо од Петар мртов како жив му влегува во збор:

-Тоа најмногу се поврзува со духовите на предците кои се изедначуваат со претскажувачи, маѓесници, бајачи, волшебници. На тоа се надоврзува задгробниот живот, бесмртноста на духот и душата. Сè тоа за заштита на живите од Бог од ѓаволот и демоните. Зашто ако на живите би им било дозволено да разговараат со своите покојници, живите не ќе можеле да ги разликуваат виденијата и соништа од Бога, како и пораките од светците од оние на ѓаволите и демоните.

Живиот пријател:

-Знаеш ли, пријателе Ристо од Петар, што ми е најпротивречно, па и парадоксално во тоа? Каде е ангелот и во смртта кој од раѓање до смрт го придружува и заштитува живиот човек? Зарем ангелите и во смртта не ги штитат своите, како мртви?

Ристо од Петар мртов како жив нескриено налутен:

-Во право си. А и учењето дека светците и светиците се посредници меѓу Бога и грешниците; некогаш живи на Земјата, а сега умрени во своите гробови чекаат воскресение. Туку…Ќе ти речам искрено дека ме разочаруваш што воопшто ме предизвика, дури инсистираше на овој разговор. Што имаме јас и ти од тоа?!…Ти како да не разбра досега или не прифаќаш дека со мене не разговараш како со мртов, туку со мртов како жив. Исто како што разговарав досега јас со тебе како жив. Исто како што кога ќе посакам мртов како жив да разговарам со живи…Не ти паѓа на ум тоа да го поврзеш со мене како уметник, сликар, творец, со непорочните љубови на секој човек, сеедно жив или мртов и со мојата и семејната гробница-кораб што е речиси завршена, подготвена за своевидна пловидба?

Живиот пријател не му одговори.

Веќе беа сосем опфатени од ноќта. Ни понекој со своја сенка и без неа.

Се разделија без поздрав.

Leave the first comment