НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

21. Предзнаци и знаци

Оставам зад мене
секакви предзнаци
и знаци,
забележливи,
речиси недогледливи.

Предзнаци и знаци
во пустошна земја која
конечно ја напуштам
оти е
конечно безживотна;
а мојата
борба опстојбена
стана колку самотна,
толку бесмислена.

Предзнаци дека сум
на чекор од работ
на бездната на смртта,
знаци што докажуваат
колку живородно,
колку животворно
ми минало времето
на постојаноста
и достојноста
до пред премалување
на телото, на срцето,
на мислата, на зборот,
на надежта, на сонот.

Оставам зад мене
секакви предзнаци
и знаци
ветар на минливоста
да ги завее
за ветар
на ново заживување
самобитно
некогаш да ги открие.

Leave the first comment