6. Забрзани
Во години на раѓање
и умирање во исто време
се забрзале луѓе
и нивни светови;
како веќе да нема ништо
кон што би можеле
успокоени, препознаени,
докажани да тргнат
кон нови вкоренувања,
кон нови извишувања.
За нив одамна нема
ни изгреви ни залези
на сонце или месечина,
ни совреме догледливи
и согледливи хоризонти.
Забрзни луѓе
и нивни светови
без убавини, без нежности,
без воздишки, без сни.
Ги гледам како испоплашени
меѓусебно се вардат,
како без престан се гледаат
со празни очи,
како без престан внимаваат
да не си натоварат на плеќи
туѓи сомнежи,
безмерни стравувања,
та на ветришта да мораат
да им остават свои траги
безимени.