2. И одам и идам
И одам од тебе
и идам кон тебе
зашто не ми е
време
за стоење во место.
Кога одам од тебе
ти докажувам
дека можам уште
сам кон каде било;
а кога идам кон тебе
ми се гледаш
зрачна, неугаслива
во мрачнина.
И одам и идам
зашто моето време
за стоење во место
го знам, го знаш,
го знаеме
како мој последен
почеток
на постоење
и препознавање
пред наше конечно
исчезнување.