Потребно време за читање: 3 минути

9.

Пред да раскажам миг на смрт на еден живот, сакам да кажам нешто во врска со ненадејноста на смртта и како јас и сите други како мене, мртви кои се заедно со мртви и живи, ја доживуваат.

Јас и ние знаеме дека како што не постои ненадејно раѓање, што најнапред значи неочекувано, исто така не постои ненадејна смрт. Некои смрти на живите само им се чини дека се ненадејни, па и непредвидливи, а тоа не е друго освен мигновено доживување или кулминација на напнато подолго сведоштво на умирање односно долготрајно исчекување на смртта. Тоа е болно и тажно, помалку или повеќе во зависност од роднинската или пријателската блискост. Како што реков, нам како мртви секоја смрт ни е исто како секое раѓање. Што се однесува, пак, на расположбата односно нерасположбата притоа, можам да уверувам секој жив дека по секоја смрт таа ни е иста; поблиску до рамнодушноста, а подалеку од тагувањето или радувањето дека во нашиот свет од светот на живите се преселил уште еден угаснат живот.

Мигот на смрт на еден живот што сакам сега да го раскажам, а кој е еден од неодамнешните, е поврзан со зрак светлина и завладување на темнина по него. Еднакво во буквална и преносна смисла.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Божана од Јане е млада мома, второ чедо на Јане и Ѕвездана. Само триесет и три години. Немажена, без рожба. Јане и Ѕвездана се уште живи, но по нејзинат ненадејна смрт живи како мртви или мртви, а живи. Нејзиниот гроб е во ред со мојот, лево, деветти на ред. И по поминати девет години Јане и Ѕвездана секој ден рано наутро се крај нејзиниот гроб. Минуваат два-три часа во молк, го чистат, уредуваат, веќе нема место каде ново цвеќе да се посади, ѝ палат свеќа, чекаат да изгори, да се стопи, па заминуваат. Да, таа е нивен непребол. Имаат и син, две години постар од Божана, далеку од нив, во Орландо, Флорида. Таму работи во забавниот парк Волт Дизни. Сè поретко контактираат, се слушаат и се гледаат преку Интернет.

Божана ја прегазил поднапиен моторџија на крстосница. Умрела од жестокиот удар на самото место. Во еден единствен миг. Многу е молчалива, одбегнува друштво, сака да биде сама. Лицето ѝ е секогаш таговно, секогаш со насолзени очи. Никој од нас мртвите, вклучително и јас, не може да ја разубеди дека нема врска со нејзиниот живот тоа дали ѝ било или не ѝ било време за умирање. Не е ни прва ни последна млада, па и премлада, ниту ќе биде. Разбираме зошто жали оти сè уште не доживеала многу убави нешта во животот, на пример вистинска љубов, зашто или одлагала за некакви нејзини подобри времиња или за некои нешта просто не го дочекала вистинското време, но секоја тага не трае и не смее да трае предолго. Особено ако е една во која се собрани сите. Таа ни го спори тоа, тврди дека нејзината тага е поради тоа што се надевала дека животот е пред неа. Сонувала за љубов, страст, семејство, рожба. А најмногу ја боли неможноста, поточно незнаењето како како мртва да биде со живите, со татко ѝ Јане и мајка ѝ Ѕвездана; да разговара, да ги теши, просто да ги заживее; барем додека се пред нејзиниот гроб да не бидат живи како мртви или мртви, а живи.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Пред некој ден ме изненади со замолба која не знам како да ѝ ја исполнам. Не знам од каде или од кого разбрала дека јас, Ристо од Петар, сум со живите кога ќе посакам, мртов како жив, еден од нив.

-Те молам, Ристо од Петар, да ме научиш да бидам мртва со живи исто како со тебе и со сите други мртви.

Како да ѝ објаснам дека тоа не се учи, а не е ниту дар од Бога? Не сум единствен. Има многу такви мртви, кои се еднакво со мртви и живи кога ќе посакаат и за што било. Што им е заедничко? Не знам. Можеби создадено дело додека биле живи, барем како трага на постоење и опстојување. На пример, јас како сликар два дена и три ноќи без престан работев на платно шест метри долго и четири метри широко, раскажував една непорочна љубов, а умрев, ми згасна срцето само неколку часа откако го завршив.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го премолче, значи не знам дали го прифати или не мојот став за светот дека не постојат свет на живи и свет на мртви, ниту нивна каква годе напоредност. А ако прифаќаме дека постојат, тогаш разликата меѓу нив е само во телесната и вонтелесната или духовната егзистенција. Во нас и како живи и како мртви се строго разграничени; првата е доминантна додека сме живи, а втората откога ќе умреме.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here