Потребно време за читање: 2 минути

11. 2. 31. Хумор и сатира

Хуморот и сатирата во сите пројави се составни сегменти на забавно-рекреативните програми, а на современото-модерното радио опстојуваат и самостојно. Потребата од комичното воопшто како светоглед, поглед на секојдневјето, има долга историја, а се интензивира со „експлозивниот“ развој на мас-медиумите, особено радиото и телевизијата. Одамна е заклучено (уште од Аристотел) дека ако животот се посматра од неговата ведра, весела страна, истиот тој ни „олеснува“.

Сегашната состојба во врска со застапеноста на хуморот и сатирата на нашите радио-програми е во најмала рака загрижувачка. И она што го има како програмски сегмент, со години незбогатуван, недополнуван, нееластичен во истражувањето на нови, сè уште неосвоени програмски простори, е во криза, длабоко навлезено во сопствената монотонија, безличност, безидејност. Ваквата, на прв поглед преостра оценка може да се аргуементира со еден сосема маргинален преглед на сегашните хумористично-сатирични рубрики и емисии.

Хуморот и сатирата се најнапред книжевни родови. Хуморот како творечки ангажман претпоставува дигресивно и алузивно раскажување, пародичност без цинизам, сериозност скриена зад шегата. Сатирата, пак, донесува остра, напати жестока осуда на некоја појава во општеството, на однесување на општествен слој или индивидуа како нејзин претставник, и тоа со користење на инвективноста, алузијата, иронијата, хиперболата, алегоријата.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Како новинарски ангажман, хуморот и сатирата во сите свои жанри имаат поинаква, според многу нешта специфична функција. Имајќи ги секогаш на ум суштинските својства на радиото како масовен медиум, а пред сè актуелноста и секојдневниот говорен израз, тие и од творечки и од новинарски аспект мораат да ја имаат вградено во себе токму радиофонијата: динамика, ритам, брзина, еласичност, занимливост, функционалност, програма за слушател во движење.

Помеѓу многуте поделби и класификации на радио-хуморот, од кои најблиска ми е поделбата на конкретен и транспониран (М.Митровиќ), предлагам поинаква типологија која ги содржи основните компоненти, односно радио-хумор и сатира „од денес за денес“: интерпретативен и документарен радио-хумор. (Документарниот го забележува и М.Митровиќ како дел од историскиот развој на хуморот и сатирата на Радио Белград).

Интерпретативниот подразбира пред сè артистичка изведба на хумористично-сатирични авторски прилози кои бараат претходна адаптација или прилагодување на радиофонскиот јазик, бидејќи јазикот или изразот примерен на еден медиум не може да биде едноставно пренесен на друг. Вообичаено е во рамките на овој тип на хумор да бараме повисоки творечки дострели, со книжевни валери, а што подразбира и презентација на избор на хуморески и други прилози од светската литература. Во овие рамки е потребно да се поттикне возобновување и застапеност на радио-комедијата како дел од играната програма.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Документарниот, пак, е радиски многу поавтентичен и примерен на современото-модерното радио, особено на отворено-контактната програм, а во рамките на забавно-рекреативните програми и рубрики. Ја претпоставува не само ангажираноста на хуморот и сатирата, не само можноста за поавтентично радиофонско обликување, туку ја вклучува и играта односно непосредното учество на аудиториумот-слушателите. Успехот на ваквиот радио-хумор е веќе потврден во контактните програми, емисии и рубрики, и тоа како дел од водителството.

На пример, козеријата како посебен новинарски жанр (напис, статија, фељтон) со своите елементи е мошне користена форма. Ја овозможува неформалната, лесна конверзација, комуникација со слушателот; потоа духовитост, непосредност и актуелност. Како хумористична, мудра и духовите слика на животот, на секојдневјето, на општественото милје и на нашите нарави, таа треба да биде максимално присутна на програмата, и тоа не само како дел од забавно-рекреативното водителство.

Хумористично-сатиричниот ангажман е или треба да биде секојдневен. (Секојдневен треба да биде, на пример семејниот хумор, како што е тоа случај во многу поразвиени радио-простори во светот; радио-трипот како посебен жанр).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here