Милениумска награда Линус Торвалдс

Потребно време за читање: 5 минути

Технолошката академија на Финска го прогласи Линус Торвалдс за еден од двајцата лауреати на својата „Милениумска награда“ за технологија (Milennium-teknologiapalkinto), чиј фонд е поголем од милион евра. Вториот лауреат е јапонскиот истражувач на матични ќелии Шиња Јаманака, а кому ќе му припадне големата награда ќе се дознае во јуни годинава.

Кандидатурата на Торвалдс е признание за создавањето на јадро на оперативниот систем Linux. Академијата наведува дека неговото дело имаше големо влијание врз развојот на отворениот софтвер, вмрежувањето и отвореноста на web-от.

Јаманака откри нов начин со побудување на клетките кои не се плурипотентни (не можат да се претворат во разни видови ткива) да развијат клетки кои се, што на медицинските истражувачи им овозможува да ја продолжат својата работа не користејќи ембрионски матични клетки. Користењето на матични клетки од ембриони наиде на отпор во некои земји од етички причини, а финската фондација која ја доделува наградата посебно го истакнува Јаманака поради неговата работа на етички одржлива технологија.

Технолошката академија на Финска добитникот на големата награда ќе го објави на церемонија во Хелскинки на 13. јуни. Таа фондација партнерски ја формирале финската држава и финската индустрија, а со цел да промовираат истражувања и иновации кои го унапредуваат квалитетот на животот и го намалуваат стравот од технолошките промени, конкретно во секторите енергетика, екологија, комуникации и информации, нови материјали и процеси, како и здравствена заштита и биолошките науки. Финска се надева дека „Милениумската награда“ ќе добие ист статус како Нобеловата, која се доделува во Шведска и Норвешка.

Кој е Линус Бенедикт Торвалдс?

Роден е на 28. декември 1969. во Хелсинки (Финска). Тој е дел од финската заедница која зборува шведски (Finladssvensk), популација што претставува 6% од населението на Финска. Светски познат програмер кој се прослави како креатор на „Линукс кернел“. Моментно е координатор на проектот или „Добронамерен доживотен диктатор“.

Имено, инспириран од системот „Миникс“, наречен Уникс (Unix), а развиен од страна на Ендру с. Таненбаум, во 1991. година, Линус одлучува да направи оперативен систем кој целосно ќе го искористува неговиот личен компјутер, IBM компатибилен со Интеловиот микропроцесор 80386. Го креира Линкус (Linux). Набрзо за тоа зборува на „Јузнет“ (Usenet), по што многумина ќе го испробаат неговото јадро и ќе му испратат подобрувања. Така е родено Линукс јадрото.

Откако го напушта Хелсиншкиот универзитет, Торвалдс се вработува во„Трансмет“, фабрика што се наоѓа во „Силициумската долина“ и произведува економични микропроцесори со мала потрошувачка на струја. Во неа работи од февруари 1997. до јуни 2003., а притоа му било дозволено еден ден од работното време да му се посвети на развојот на Линукс јадрото.

Сега живее во Бивертон (Орегон, САД) со сопругата Тов и трите ќерки. Вработен е во „Open Source Development Lab“, лабораторија која е финансирана од страна на конзорциум на здруженија што го комерцијализираат Линукс.

Шиња Јаманака е роден на 4. септември 1962. во Хигашиосака. Тој е јапонски лекар и истражувач на матични клетки. Моментно е директор на Центарот IPS за истражување и примена, како и професор на Институтот за медицински науки на Универзитетот Кјото. Во 2006. година прв на светот ги откри индуцираните плурипотентни матични клетки (IPS- клетки), слични на ембрионалните кои можат да создадат каква било клетка од телото, но не и да формираат функционален орган.

Најновото епохално откритие на Јаманака, инаку раководител на тимот од јапонскиот Универзитет Кјото, овозможува да се избегнат етичките, политичките и практичните пречки што ги обележуваат обидите човечките матични клетки да се добијат со клонирање на ембрион. Треба да се наспомне дека речиси во исто време друг, американски тим од Универзитетот Висконскин, со кој раководи Џуњинг Ју, дошол до истото откритие.

Др Јаманака репрограмирал клетки на кожа од лице на неидентификувана жена стара 36 години, додека американскиот тим користел ќелии од кожа на новороденче. И јапонските и американските стручњаци во суштина користеле иста техника-употребиле вируси како транспортери на четири специфични гени во кожни ќелии. Тие гени се познати според тоа што можат да „исклучуваат“ и „вклучуваат“ други гени, но е се уште мистерија како им успева да произведат клетки кои можат да имитираат матични клетки на ембрион.

Поради тоа кожните клетки кои имитираат матични засега не би можеле да се користат во основни цели поради кои се заговара работата на матични клетки, односно за создавање на ткиво за трансплантација кое теоретски би можело да се употребува во лечење на дијабетес, Паркинсонова болест или повреди на `рбетниот мозок. Тој недостиг во иднина би можел да се поправи, што многумина би го поздравиле со оглед дека на конкурентната техника на клонирање, освен етичките проблеми што ги создава, и забележуваат и дека е премногу скапа и непрактична.

„Милениумската награда“ е востановена во 2004. и се доделува секоја втора година. Неа веќе ја добиле истражувачи кои придонеле за развојот на информатичките технологии.

Добитникот на првата (во 2004.) е Тим Бернерс-Ли, за создавање на технологија која претставува основа на интернетската мрежа што ја нарекуваме web. По добивањето на наградата (1, 2 милиона долари), тој изјави дека никогаш не би постигнал успех ако ги наплатувал своите изуми:

„Да се обидев да ги наплатувам своите изуми, денес не би бил Интернет, туку би имале само многу мали мрежи“, изјави денес 57-годишниот Бернерс-Ли.

Роден е во Велика Британија, а во 2003. доби витешка титула. Сепак, главно ги избегна и славата и богатството какви што стекнале многумина негови колеги, а и по „Милениумската награда“ остана скромен:

„Само собрав многу работи кои веќе постоеја и на сето тоа му додадов мали новини. Сам не го измислив Интернет. Највозбудливото е тоа што го направиле многумина луѓе поврзани со овој извонреден дух“, изјави тој.

Две години подоцна (2006.) добитник беше Шуџи Накамура, за својот пронајдок на нови светлосни извори (сини светлчеки и ласерски диоди).

58-годишниот Накамура, професор на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара, е познат во светот како творец на диоди кои емитираат сина светлина, тн. LED, што масовно се користат во сообраќајното осветлување, семафорите, за илуминација и складирање на информации на оптички дискови. Корпорацијата во која бил вработен во 2005., Ničia”, за изумот му даде 8 милиони долари, што беше преседан во борбата на некој поединечен вработен од својата компанија да ги преземе инвидидуалните авторски права, зашто во Јапонија верноста спрема корпорацијата е длабоко всадена во работниот менталитет на луѓето.

Откритието на Накамура доведе до создавање на ефикасен извор на светлина кој има 50 пати подолг век на траење од традиционалните сијалици. Според значењето, тој пронајдок е спореден со Едисоновото откритие на сијалици со вжарено влакно кои денес се користат во целиот свет. Изумот помага тој традиционален начин на осветлување да се замени со нов, кој произведува светлина од електрицитет без ослободување на топлина. Пронајдокот на син ласер, пак, помага во прочистувањето на водата од што најголема корист имаат земјите во развој. Ласерскиот зрак буквално ги согорува и уништува бактериите присутни во водата.

Во 2008. признанието е доделено за достигнување од областа на биотехнологијата. Добитник беше американскиот професор Роберт Лангер, од Технолошкиот институт во Масачусетс, роден на 29. септември 1948. година во Олбани, Држава Њујорк, САД. На институтот постои една од најголемите светски медицински научни лаборатории. Тој разви биоматеријали што се користат во борбата против ракот и срцевите болести, односно за контролирано ослободување на лекови и регенерација на ткиво. Тие успешно се применуваат во лечење на онколошки, кардио-васкуларни и други заболувања. Едновремено, со нив се овозможува разработка на нови биоматеријали, на пример човечка кожа, а многумина сметаат дека во блиска иднина ќе предизвикаат револуција во медицината.

„Со помош на таа технологија ние можеме да бидеме во состојба да создадеме цели живи организми“, вели Лангер.

Главната награда во 2010. (800.000 евра) отиде во рацете на Михаел Грецел, за пронајдок на посебен вид евтини соларни ќелии што се користат во производството на обновлива енергија. Станува збор за прозорци кои произведуваат електрична струја и мобилни соларни панели.

Грецел е директор лабораторија за фотони и интерфејси на Политехничкиот факултет во Лозана, Шцвајцарија

Иновацијата на професорот Грецел го имитира начинот на кој растенијата ја претвораат светлината во енергија. Тој вели дека отсекогаш бил заинтересиран за начинот на кој растенијата ги фаќаат сончевите зраци и ги претвораат во гориво како шеќерот.

„Инспирацијата беше природната фотосинтеза, а нашата соларна ќелија го имитира процесот на природната фотосинтеза“.

Академијата укажа дека изнаоѓањето начин за замена на се помалите резерви на фосилни горива претставува еден од најголемите предизвици на човештвото, додавајќи дека сонцето „е еден од најочигледните извори на енергија“.

Традиционалната пречка во развојот на соларната енергија е нејзината цена. Ќелиите на Грецел обезбедуваат подостапен начин за скротување на соларната енергија.

Leave the first comment