Потребно време за читање: 3 минути

3.

Мојот гроб, семеен, е во стари гробишта, не со векови, на рид во чие подножје се ѕидишта и урнатини на древна населба. Ја открија точно седумнаесет години пред да умрам. Археолозите веќе открија голем дел од неа и нема никакво сомнение дека староседелците во мојот град Страдец, распостранет седум километри источно, претходно живееле во неа. Се претпоставува дека биле неколку семејства кои ја напуштиле за кусо време поради некој ненадеен настан. Некои откритија укажуваат на голем пожар среде жешко лето.

Нема многу чувани, незапустени гробови на гробиштата. Еден од нив е и мојот, семејниот. Тоа најпрвин значи дека во повеќето се поодамна погребани последните, а ближните по нив се иселиле толку далеку што да не можат да идат. Од сите се изделува еден гроб сиот покриен со црн мрамор во форма на кораб, во кој е погребан богат староседелец на Страдец. По негов завет бил вратен мртов од земја преку еден океан, не се знае кој. Тој не збори ништо. На лицето има заледена насмевка. Дрругпат ќе кажувам за него и гробот.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Во мојот гроб, семеен, според редот на умирање засега сме сме седуммина. Мојата животна сопатничка, Јасна од Спасе, сè уште живее сама, но ме радува што и нејзината болка предизвикана од мојата смрт, како во секого, дури по цели девет години не само што полесно ја поднесува, туку лека-полека и ја надминува. Како што се договоривме, скоро ќе сретне некого со кого ќе почне нов живот, па нормално, кога ќе ѝ дојде времето за живот во смрт ќе биде погребана во гробот на тој некој.

Прв е дедо ми Јоаким од Атанас. Го помнам неговото четиримесечно умирање откако во здравје наполни осумдесет и две. Ми беше прво доживеано. Умираше во смртна постела молкома и рамнодушно. Само одвреме-навреме мрмореше одвај чујно: „Толку ми било пишано. Доволно“.

Две години по него во светов на мртвите ја преселивме баба ми Раска од Гордан. Само шест дена ѝ фалеа за да ја одживее седумдесет и шестата. Нејзиното умирање траеше пет дена. Умре со изразена болка на нејзиното убаво лице, но без ниедна брчка на челото.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потоа се случи ненадејна смрт на сестра ми Роза, на триесет и осум години. Немажена и без рожба. Ја прегази моторџија на главната крстосница на Страдец. Почина на самото место.

Татко ми Петар, како што веќе кажав, почина четири години пред мене. Беше на средината на осумдесет и петтата. Ненадејно, во ран утрински час, по боледување долго седум ипол години. На сите нас сè уште живите ближни просто ни олесна неговата смрт. Едногласно констатиравме дека се спаси од предолгата умирачка.

Мајка ми Славјанка од Владимир, жена со многу трпеж во животот, смртта ја пречека на нозе, здрава и права, на осумдесете и девет. Да, го надживеа татко ми скоро три ипол години. Едно утро отиде во бањата да се измие, чувме тресок, а кога ја отворивме вратата ја најдовме мртва спружена на подот, со раскрвавена глава.

Брат ми Коста беше постар од мене година ипол, а го изгуби животот како војник, од непријателски куршум в чело. Заедно со многумина ранети и загинати од неговата чета ја бранеше границата и независноста на татковината од соседен агресор. Беше жив дваесет и четири години и еден месец.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

За мојата умирачка и мигот на смртта ќе кажувам другпат, а сега само ќе повторам дека сум дамна мртов.

Не заборавам на чувањето на гробовите од запустување. Реков дека еден од незапустените е и мојот, семеен. Да, тоа најпрвин значи дека има некој род или ближен сè уште неиселен некаде далеку, од каде што не може често да се иде. Можеби некои? Двајца. Тоа се син ми Јане и снаата Борјана. Идат одвреме-навреме, но сè поретко. Го чистат, го метат, го бришат гробот, ставаат на надгробната плоча свежо цвеќе и палат свеќи, по една за секој од нас. Понекогаш јас разговарам со нив за сегашново и идното време. Кога ќе се видат со другите само се поздравуваат молчешкум.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here