ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

57. Две души во години

Две души во години во кујна со зелен креденец, дрвена масичка за јадење со две дрвени столици, шпорет со запален оган во него, два црвени кауча еден спроти друг, една црвена фотелја до влезната врата лево и мал црно-бел телевизор отспротива, на тријаголна масичка, незапален.

Едната душа е женска, се вика Цвета. Полничка, со дебели нозе, косата прибрана во свилена марама, облечена во цветен фустан, бела престилка над него од половината речиси доземи, на нозете кафени пантофли.

Другата душа е машка, се вика Димко. Малку е постара од Цвета, не повеќе од година-две. Седи крснозе во фотелјата, задреман. Очила речиси на врвот на носот, во скутот дебела отворена книга. Божем чита. Има долга бела брада и густи бели мустаци. Облечен е во домашна наметка, од брадата до глуждовите. На нозете кафени пантофли, исти како Цветините.

Женската душа Цвета:

-Сега ќе ти сварам кафе.

Од креденецот зема црвено џезве и два бели порцелански филџана. Џезвето го полни со вода, тура во него лажичка кафе и го става на шпоретот. Филџаните ги остава на масичката за јадење.

Машката душа Димко ѝ одговара мрморејќи:

-Денеска ќе врне дожд и ќе дува силен ветер.

Женската душа Цвета:

-Ти текнува колку бев убава кога бев млада? Сè што беше младо машко во селото трчаше по мене и навалуваше да ме земе за жена. Ти не ме ни погледнуваше, а баш тебе ти се посреќив. Ич не ми беше убав, дури ми изгледаше ко малку нетокму.

Машката душа Димко како разбуден, со длабок и ѕвонлив глас:

-Младиве денес немаат врска. Ем ништо не знаат, ем не учат, ем се прават наудрени, ем изигруваат политичари и политиканти. Јас да сум некој, сите преку ноќ би ги ставил во ред и би ми играле пиперевка. Ова од нив и со нив ниту било некогаш, ниту ќе биде. Што е тоа секој да сака да биде политичар или бизнисмен политикант? Бог да чува и брани!

Женската душа Цвета стои до шпоретот и внимава да не ѝ прекипи кафето. Му вели тивко, како да си вели на себеси:

-Вчера на пазар еден продаваше парчиња црн леб намачкани со свинска маст и посипани со троа толчен црвен пипер. Чекаа на ред да му купат. Не го чув колку му чинеа. Сакав да купам две, по едно за мене и за тебе. Редот беше многу голем, некои се туркаа за да купат прекуред, а мене нозеве не ми даваат да стојам долго.

Машката душа Димко:

-Душа ме боли, срце ме боли, ќе умрам од мака кога гледам колку е запустена земјата која во наше време раѓаше сè што ќе посакаш. Покриена со диви треви, со години некосена, неквасена, распукана од суша. За ништо живо не е. Татко ми купуваше земја за јас како негов син единец да бидам имашен, најбогат во селото. И бев. И станав голем земјоделец. И продолжив да купувам земја за синот и ќерката. А тие, тамам кога пораснаа за да работат со мене и полека да ја преземаат работата, летнаа со аероплан во туѓина јабана. И што? Ништо! Да му се плукнам на живуркањево наше старечко…Јас да сум некој фактор, со закон би наредил сè младо стасано за работа да работи на село, да развива земјоделие…Не ги разбирам властиве! Како не разбираат дека наш единствен спас е производство на храна?! Нема шанса со друго да ја оправиме државичкава…Жално. Многу жално.

Женската душа молчешкум му го принесува филџанот со кафе и седнува на крајот од каучот до шпоретот. Не гледајќи го му вели:

-Е мој Димко, дојде време ич да не ни е гајле за времето. Дали било облачно, дали ќе врне, ќе грми, ветар ќе вие или сонце ќе грее. Доста ни е што имаме покрив над глава. Туку…Утре да појдеме на гробишта, да го подзачистиме гробот наш. Да си го суредиме пред моја или твоја умирачка. Близу ни е и е неважно кому ќе му дојде прво. Одамна не сме биле, цвеќе не сме однеле и свеќи на погребаните во него не сме им запалиле…Велиш дека му нема спас на светов? Сè се испомеша, секој трга на своја страна, алчноста ништи, сè што вреди пропаѓа. Право велиш.

Машката душа Димко не вели ништо. Цвета го загледува, гледа дека не дреме, туку потонал во сон. Тивко рка. Таа станува, зема од креденецот тенџере за ручек. Сецка пиперки, домати, кромид, ситни парчиња коски со малку меса, ги истура во тенџерето, посипува сол, сипа две чаши вода и го става на шпоретот со запален оган.

Leave the first comment