32. Јас книжевник за вреднувањето
Се разбира дека има многу дилеми кога е збор за вреднување и (не)наградување на творечкиот труд и дело. Кои можам да ги „разрешам“ единствено со констатирана состојба.
Вреднувањето е едно нешто, (не)наградувањето друго, но може да бидат поврзани и едновремени. Мислам дека тоа не треба да се образложува или објаснува. Ја имам предвид токму неа.
Моето книжевно дело, мислам пред сѐ на објавените стихозбирки и една повест во печатен формат, е вреднувано; за него напишале критичко-есеистички текстови речиси сите позначајни и видни критичари и теоретичари на литературата.
Моето книжевно дело е едно од најобемните и секако најразновидните во македонската книжевност: поезија, проза, сатирични дела и афоризми и други јадровизми (промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости).
Грандиозното поетско, поетската студија „Создател во изгревот и залезот“ е единствено во светската книжевност.
Констатирана состојба: досега јас како книжевник немам добиено ниедна, ниту книжевна, ниту општествена награда.
Има една флоскула што многу често ја користат наградените: наградите значат признание на создаденото/стореното и едновремено поттик за создавање нови дела/постигнување нови и поголеми резултати. Јас тоа најнапред го поврзувам со времето односно годините на наградениот. Што значи наградата како поттик за творец во години, на залез на животот?
Прашањево ми е „поопшто“:
Дали му е потребна награда на творец кој го живее своето „последно време“? (Ех, кога би знаел колку ќе трае.) Мојот одговор е дециден: не. Напротив, потребна му е на наградувачот, на државата, на општеството. Оти со неа оддава почит и обзнанува дека тој со своето дело има значајно место во вредносниот систем.
Да, мене веќе не ми треба никаква награда, а сум сосем рамнодушен спрема какво било вреднување на моето книжевно творештво. Тоа дека воопшто не сум награден е само интересно, можеби раритетно, но секако не единствено.