50. Јас книжевник за хаику и стварноста
(Повод: Горан Јанкуловски-Стиховен Калибар: „Бог да бие кучињата касапски“, хаику поезија)
Дали хаику поезијата е книжевен феномен на нашево совремие? Станува ли збор за „форма над формите“ во светот и кај нас или, пак, е една од многуте од дамнешни времиња која со своите специфики односно правила (ограничувања?) станува доминантна?
Ниту едното, ниту другото! Хаику е лирска форма која се чини дека соодветствува пред сè на динамиката на нашево живеење, творење и дејствување, на забрзаново време во кое живееме. Родена е во Јапонија и со право се смета за една од најзначајните јапонски придонеси во светската книжевност.
20-от век е век (и) на хаику поезијата. Не оти претставува откритие, нешто дотогаш непознато или оти стекнува голема популарност. Затоа што го зазема своето посебно место во творештвото на голем број поети во целиот свет. Хаику песни објавија Е. Паунд, П. Елиар, О. Паз, Ј. Сеферис, Ж. Бретон, Џ. Керуак, И. Качуровски, К. Вајт и др. Едновремено се објавуваат бројни есеи и студии, од кои најкомплексна е секако „Хаику на западните јазици“ од Гери Л. Броуер и Дејвид В. Фостер (1972. година). Напоредно со тоа се издаваат бројни хаику-списанија, се организираат семинари, научни конференции, натпревари, меѓународни конкурси, а е формирана и Светска асоцијација за хаику.
Во македонската поезија хаику песната ја „воведе“ Томе Арсовски, објавувајќи ја најнапред Антологијата на јапонската лирска поезија, во која се застапени неколкумина јапонски мајстори на хаику, а потоа и избор од поезијата на четворица најголеми хаику-поети.
Не е мал бројот на македонски поети од сите генерации кои повеќе или помалку успешно пишувале-пишуваат хаику. Прв е Александар Поповски со циклус хаику-песни во неговата стихозбирка „Заприоко“ објавена во 1966. година, а прва „целосна“ хаику-стихозбирка објави Христо Петрески во 1983. година, под наслов „Врв“. Во 2003. е објавена Антологија на македонската хаику поезија, а со години на ред излегува и македонското хаику списание „Мравка“.
Многу е напишано и објавено за правилата, поточно закономерностите на пишување хаику, та не постои никаква, ниедна непознаница за овој „поетски занает“:
Хаику е строфа од три стиха, во која стиховите приближно имаат со ред 5,7 и 5 слогови, а вкупно би тебало да има помеѓу 12 и 20 слога. Таа е најчесто непосреден израз на посебно поетско, исклучително доживување, без размисли, заклучоци, поуки и сл., но исто така и без истакнување на поетовото јас. Класичната хаику песна мотивски и тематски е речиси исклучиво „врзана“ за природата и човекот во неа. Се смета дека убавината на хаику е во неговата вистинитост, непосредноста и чистотата, длабочината, силата на исказот односно изразот. Меѓутоа, од не помала важност се и „формалностите“: таа не е афоризам, не е пословица; не трпи „китење“, не трпи рима, и по правило нема наслов.
Некои издвојуваат „основни предуслови“ за успешно хаику, а од кои особено (според Боривој Буква): доживување, изразување и живот („соединување на самиот себе, светот, стварноста, животот, доживувањата и изразувањата“).
Од познатите совети за хаику на четвриот великан на хаику поезијата, јапонскиот поет Масаока Шики, инаку строг критичар и хаику реформатор, ги потенцирам следниве:
-биди природен;
-сети се на перспективата („Големите нешта се големи, но и малите нешта се големи ако се гледаат одблизу“);
-употребувај и имагинарни и реални слики, но претпоставувај реални;
-запознај ги сите видови хаику, но имај свој сопствен стил.
Она што е особено важно за хаику поезијата, а најнепосредно се однесува на делото на увид-„Бог да бие кучињата касапски“ од Горан Јанкуловски/Стиховен Калибар, е секако времето во кое таа се „случува“. Имено, тоа е исклучиво сегашноста односно стварноста (реалноста)- поезија на „овде и сега“. Стварноста е постојна, „дадена“, не зависи од нашите желби и уверувања. Во хаику-песната таа е физичка, појавна, не психичка или ментална (претстави, мисли, сеќавања, соништа).
Стварноста во хаику-песните на Горан Јанкуловски/Стиховен Калибар е груба, сурова, вулгарна, деструктивна, неменлива, без ниту трага од „природна убавина“ или изделување на некакви животни вредности. Луѓето во неа, пак, се поделени, радикално спротивставени, анимозни: едни се „до корен“ мали, ништожни, маргинални, обезвреднети, омаловажени, унижени, немоќни, но многу повеќе јадосани, револтирани, гневни, жестоки, вулгарни; други се „„ѓубре што не дава плод“ ( „Полн е ко брод/ѓубре што не дава плод/изрод на свој род“), суетни-„мизерен гнилеж“ („Камено срце/китено со суета/мизерен гнилеж“), „гнасни проклетници“ („Гнасен проклетник/со срце како лешник/сотре уметник“), под нокти со кал („Под нокти со кал/дели ум и морал,/а држава покрал“), високи големци со ниски страсти („Куртул се нема/од високи големци/со ниски страсти“).
И на јазично-стилски план хаику-поезијата на Јанкуловски ги задржува основните „параметри“ на овој поетски жанр. Јазикот „овдесегашен“ односно „стварносен“: груб, суров, напати вулгарен, напати „припрост“.
Предупреда при коректура и лектура: многу зборови треба да се третираат како дел од своевиден жаргон/сленг, па поетската атмосфера и ситуа(к)ција на песните ќе изгубат од автентичноста, дури драматичноста доколку се заменат со „правилни“-„стандардни“. Ова еднакво се однесува на вулгарностите и пцостите со кои поезијава изобилува. Се разбира, нужни се некои мали, незначителни интервенции, и тоа во договор со авторот.
Ако нешто може да и се забележи на хаику-поезијата на Горан Јанкуловски/Стиховен Калибар, притоа имајќи ги предвид „формалностите“ на хаику-песната, тоа е честото користење на римата. Во некои песни таа во не мала мера ги „блокира“ доживеаноста, изразувањето и животноста.
„Бог да бие кучињата касапски“ е уште една, мошне оригинална, автентична и впечатлива хаику-стихозбирка која ја збогатува ризницата на македонската хаику-поезија.