Потребно време за читање: 2 минути

65. Во врска со моето творештво

За мене сосема еднакво значење имаат создадените и делата во создавање. Ништо не ми значи ако кај некого едно или друго предизвика некаков, каков било интерес, да задоволи општа или конкретна, специфична љубопитност во некое извесно време, а потоа да стои заборавено, зафрлено, на некоја полица од домашна библиотека, задавено во прав и пајажина. Ниту ако некој се задлабочи во едно или друго, го истражува, анализира, синтетизира, валоризира. Најмалку, пак, ако случајно или намерно некој земе едно или друго в раце за да го прочита или чита во некое извесно или неизвесно време.

Создаденото го восприма оној што таквото го гледа еднаш, го слуша, го чита случајно или намерно. Исто како кога догледува, наслушнува или преслушува, прочитува или исчитува. Притоа го оценува, проценува, па го вградува во свое вредносно скалило за да го користи споредбено. Поначесто се случува по некое време да го остави во некој агол на личниот заборав.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сѐ во создавање е вонвременско траење. Независно и од творецот и од корисникот. Тоа значи секогаш живо и животворно, секогаш продолжително, едновремено секогаш прво и единствено. Оној што има пред себеси или во себе дело во создавање е всушност негов продолжувач. Исто колку и исто како неговиот творец.

Всушност, ниедно дело не е, ниту може да е создадено, што значи конечно, завршено, затворено. Секое е и останува во создавање. Се разбира, доколку не е немо, замолчено и доколку од незнаење, непознавање, несознавање, неискуство или оти се нема изградено личен критериум. Доколку не е одмолчено.

Оставам нешто за едни, сешто за други. На кои им значи моето творештво, имаат почитание, го ценат, сметаат дека има стојности. А можеби за никого ништо? Можеби. Дека на сите им било и им е неважно, безначајно. Можеби баш дека е мое, дека е од мене.

Всушност, најнапред оставам нешто и сешто за себе. Зад себе за себе.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Дали за помнење и препознавање во мое време? Некој секако мисли да, а јас секако знам не. За какво помнење и кое препознавање?

Одамна сум осознал дека помнењето оди со животот, продолжува малку по него, а по некое извесно или неизвесно време, сеедно, го покрива, го совладува, го заробува заборавот. Така е со ликови, личности, нивни дела и минливости, така е со созданијата и создавањето, генерациско и меѓугенерациско. Па и со докажаната индивидуалност, единственост, со идентитетот и личниот интегритет.

Има исклучоци? Има, ама се многу ретки такви, незаборавни, безвремени. Кои, нели, само го потврдуваат правилово.

Препознавањето, пак, е секогаш помеѓу други. Тоа значи дека зависи од нив-од нивните односи, општења, споделувања, соживеачка, интереси. Се разбира, значи изделување со некоја особеност, спецификум. Но само доколку посочува, насочува, користи, и е пред сѐ за некое или нечие продолжение.

Не создавам оптоварен дека ќе оставам создадено зад себе. Моето создавање е единствено лична насушна потреба, сушност на моето постоење и опстојување. Дека сум. Сѐ уште. Со секој што ме почитува и ме цени. Незнајно до кога.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Да, повторувам постојано и не знам дали треба уште. Ај уште еднаш:

Моето творештво-тоа сум јас. Тоа едно и единствено, исто колку што сум јас еден и единствен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here