75. Дотежување на годините
Како човек старее, така сѐ повеќе самува. Тоа е неминовно, особено во нашево време на обезвреднување и сѐ позабрзано трошење на личното време. Без оглед на вниманието или невниманието, грижата или негрижата на ближните, споделувањата со пријателите и богатството или сиромаштијата на секидневноста што се живее, што се наметнува сѐ поагресивно и обезличува сѐ понасилно.
Тоа го имам слушнато од многу луѓе во години. Сосема се согласувам откога и мене почнаа да ми дотежуваат годините. Додавам уште нешто: како самуваат, така старите луѓе се чувствуваат сѐ повеќе осамени.
Ха, не заборавив, туку го изделувам како најжизнерадосно: како човек старее, така сѐ повеќе подетинува. Некои велат зашто се буди детето во него. Го прифаќам тоа доколку невиноста, искреноста, играта и љубопитството се на исто рамниште, може дури повисоко од на дете. Никако не заедно или наспоредно со наивноста.
-Кога сум со моите вннуци, јас сум поголемо дете од нив. Само да ме видиш тогаш. Сигурно ќе помислиш дека ми фали нешто. А јас просто уживам, особено кога во игрите ме прифаќаат како еден од нив,-ми вели пријател во години.
-И јас исто,-му одговарам.
Се поздравуваме.
Јас:
-Ќе се видиме утре. Ме чекаат за игра внукот Јован и внуката Јана.
Тој:
-Брзам и јас. Моите Костадин и Александар сигурно веќе ги прашуваат син ми Симо и снаата Светлана зошто ме нема, каде сум, да не ми се случило нешто. Само што не ме побарале на мобилен.