Потребно време за читање: 2 минути

90. Од кажувањата на моиве години:
Не е парадокс, туку логична последица

Едно:

Од 1987. година, кога го објавив краткиот роман „Марија и Јасен“ ми е објавено само едно дело-поетската студија „Генерика“, 1998., а со финансиска поддршка на Министерството за култура, кое преку конкурс ја поддржува издавачката дејност (не авторите!).

Со сопствени средства-како самиздат, а со логото на Здружението на писатели „Манускрипт“, ги објавив стихозбирката „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“, во 15 примероци, како и првата „Проблесоци во мислата“ во 50 примероци.

Писателите и поетите од мојата генерација, на која, веќе потенцирав, ѝ припаѓам само според годината на раѓање, во изминатиот период објавија по 20-30 книги поезија, проза, есеи… На повеќето од нив им се објавени и избрани или собрани дела во повеќе томови.

Повеќето од нив се „здобија“ со секакви награди, се разбира и оние што се услов за национална пензија, па на тој начин, меѓу другото, си обезбедија „комотно“ трето доба. Некои се членови, а некои кандидати за членство во МАНУ.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За разлика од сите нив, јас немам никаква надеж дека до крајот на мојот живот макар едно мое дело ќе види бел ден, освен можеби како самиздат или со финансиска-маркетиншка поддршка.

Друго:

На еден писател многу не му се важни коментари, односно реакции по повод објава на негово дело или негов настап, истап, исказ, показ и слично. Ама сепак не е можно, едноставно и да сака не може да биде рамнодушен, воопшто да не го засегаат. Во најмала рака му се интересни.

Лично, искрено, не сакам да се воздржам, а да не пренесам, да не одбележам коментар или реакција на нешто што и во буквална и во преносна смисла е дел од кажувања на моиве години.

На пример, во врска со мое дело кое „мирувало“ помеѓу многу необјавени ракописи повеќе од две децении, па „дошло на ред“ да го објавувам во продолженија на Интернет-романот „Лавиринт од слики“.

Коментар или реакција на Милица С. (во мојот инбокс, на мојот FB профил):

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

„Трагично е што роман каков што е „Лавиринт од слики“ „лежи“ кај Тебе“.

Јас не мислам така. Нема ништо и никогаш трагично во литературата. Знам дела објавени по подолг период од наведениот, дури и по смртта на авторот (не едно, а повеќе дела од Кафка се „најтипичен“ пример). И за кого „трагично“? Еве кажувам: за мене не. Тоа не ми значи ништо!

Инаку, точно е: романот „Лавиринт од слики“ го напишав уште во 1991. година, а го објавив во 2015. во продолженија, односно како последна авторска редакција.

Во меѓувреме, на Интернет во продолженија (наспоредно со создавањето) објавив и објавувам многу поетски и прозни дела (континуирано и збирки проблесоци во мислата).

Трето:

Еве едно (само)иронично обзнание објавено како статус на социјалната мрежа Facebook кое многумина поднасмеа, а кај некои предизвика непотребна сожалба:

Почитувани Дами и Господа,

Со голема чест и задоволство обзнанувам дека оваа моја книжевна дребност, со име Љупчо и презиме Димитровски, со скромна пензиичка колку за старечко живуркање, за петдецеинското книжевно творештво-8 објавени книги поезија и проза, илјадници песни, стотина раскази-ескизи, критичко-есеистички текстови, маргиналии, цртички, белешки, стотици секакви хумористичко-сатирични текстови и илјадници проблесоци во мислата, односно промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости,

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

НЕМА ДОБИЕНО НИЕДНА КНИЖЕВНА НАГРАДА, НИТУ КАКВО БИЛО ОПШТЕСТВЕНО ПРИЗНАНИЕ.

Се надевам дека до крајот на животот ваквата чест и неизмерно задоволство нема да ми бидат ниту загрозени. Ниту, пак, некој ќе се обиде, ќе се потруди да ми ги отера/оттргне/одземе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here